Нормализирана состојбата пред Владата на РМ

Состојбата на просторот пред Владата  по синоќешниот протест е нормализирана. Улиците се расчистени, сообраќајот се одвива нормално и не е забележливо засилено полициско присуство, пренесе МИА.

Во тек на протестот, што уследи по објавувањето материјали од страна на СДСМ за убиството на Мартин Нешкоски, според последните информации на МВР, повредени се 20-ина полицајци, како и четворица цивили. Повредените се префрлени во Ургентниот центар, Градската општа болница „8-ми септември“ и хируршката болница „Св.Наум Охридски“. Приведени се повеќемина демонстранти. Подетални информации МВР најави во текот на денов.

При ескалацијата на протестот беа демолирани полициски автомобили и запалени контејнери, а според  МВР приченета е материјална штета на државен имот кај зградата на Владата.

По неколкучасовниот протест, што почна во 18 часот, полицијата околу 23 часот ја растера толпата граѓани кон околните улици кај Владата, а го блокираше пристапот кон владината зграда.

Во тек на протестот демонстрантите бараа одговорност и оставки од претставници на власта за убиството на Нешкоски, за кое судот определи казна затвор од 14 години за Игор Спасов, припадник на полициската единица „Тигри“. Фрлаа најразлични предмети и се обидуваа да влезат во Владата. По почетокот на протестот во еден момент дел од учесниците ги прескокнаа заштитните огради, но беа оневозможени од полицијата да влезат во Владата.

Пред почетокот на протестот министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес-конференција во Владата рече дека снимките кои ги објавува претседателот на СДСМ Зоран Заев се креиран, монитиран и лепен материјал. Нагласи дека во ниту еден момент ниту МВР, ниту кој било политичар или функционер не само што не го сокривал убиството, туку со сите сили се труделе да дојде до брза разрешница и сторителот да биде изведен пред лицето на правдата. Јанкулоска оцени дека Заев за политички цели злоупотребува смрт на млад човек.