„Норманската четворка“ повикува на целосен прекина на огнот во Украина

Министрите за надворешни работи на земјите од „Норманската четворка“ ги повикаа страните во украинскиот конфликт на целосен прекин на огнот и на повлекување на сето тешко вооружување од зоната на борбени дејствија, се наведува во заедничкото соопштение на четвориката по средбата во Берлин, цитирано од светските агенции.

„Изразуваме загриженост од последните судири во текот на викендот, вклучувајќи ја и употребата на тешки орудија во регионот на Широкине и аеродромот во Доњецк“, се подвлекува во документот, цитиран од ТАСС.

„Ги повикуваме сите страни да ги прекинат судирите и да покажат подготвеност за целосно почитување на прекинот на огнот и повлекување на тешките орудија“.

Министрите повикаа и на повлекување на тешките орудија со калибар под 100 милиметри, како и на сите видови тенкови.

Тристраната контакт група и специјалната мониторинг мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа треба да го усогласат распоредот за оваа цел.