Норвешка ќе ги исклучи ФМ радијата – дигитализацијата за нас е скапа

Норвешкото Министерство за култура неделава најави дека од 2017 година ќе почне процесот на целосно трансформирање на ФМ радиостаниците во дигитални, со што ќе им се овозможи на норвешките слушатели поразновидни радиски содржини со висок квалитет. Во моментов во Норвешка функционираат 22 дигитални радиостаници и само пет ФМ радија.

Трансформацијата на ФМ радиостаниците во дигитални е доста скап процес, па оттаму, засега кај нас не постои голем интерес за тоа.

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека не само кај нас,  туку воопшто, па и во Обеднетите нации каде што е и дефиниран процесот на дигитализација, не се разговара за дигитализација на радиото, првенствено бидејќи тоа е  скап процес.
Според него,  Норвешка како финансиски моќна земја, може  индивидуално да го  воведува овој процес, но засега нема информација дека ова се повеќе растечки светски тренд ќе мора и ние задолжтелно да го следиме.

„Со оглед на тоа што радиостаниците кај нас не се многу профитабилни, доколку се воведе дигитализација, засега  постои голема можност тие да пропаднат“, заклучува Трајчевски.

Кај ФМ радијата звучните содржини се пренесуваат со менување на фреквенциите на радиосигналот. ФМ радиото е патентирано во 1933 година, но во последниве години со дигтализацијата на радио сигналите неговата ера се доближува до својиот крај.