Нотарите против вклучување на адвокатите во некои постапки

Нотарите во Република Македонија сметаат дека одредбите во Законот за нотаријат кои стапија на сила на почетокот на годинава непотребно усложнуваат и поскапуваат одредени постапки кај нотарите со задолжително учество на адвокати, поради што сметаат дека треба да се вратат решенијата од Законот од 2007 година кога такви одредби не постоеја.

Со овој став се согласува и претставникот на Меѓународната унија на нотарите Ричард Бок, кој истакна дека иако е кусо времето за проценка на влијанието од спроведувањето на овој Закон, сепак од одредбите може да се види дека тие ја усложнуваат и поскапуваат постапката и оти со нив, како што рече, не се согласуваат многу организации, институции, но и самите адвокати, ако се иземе ставот на адмокатската комора како тело.

– На пример еден предмет од наследното право кој се решава на нотар. Доколку има 12 наследници секој треба да има посебен адвокат, така ќе има постапка со 12 адвокати. Тоа е малку претерано и непотребно, се поскапува процедурата, особено кога работите не се спорни, рече тој на денешната тркалезна маса на тема „Развојот и работата на нотаријатот во Република Македонија и неговиот придонес за остварување поефикасен правен систем и правна сигурност“.

Тој смета дека со новиот Закон се врши еден нов пренос на надлежност кај адвокатите, и оти, како што потенцира, со ова решение може да се наруши принципот на латинскиот нотаријат во РМ. Додаде дека со овие решенија и помалку се штитат интересите на државата.

– Филозофијата на латинскиот нотаријат се темели на принципот дека задачата на нотарот е да биде одговорен, не само кон своите клиенти, туку и кон својата земја. Затоа сметаме дека единствено решение во врска со новите измени е да се повлече оваа измена, истакна Бок.

Претседателот на Нотарска комора на Македонија Васил Кузмановски рече дека нотаријатот е еден од најбитните чинители во функционирањето на правниот систем и сигурност во Република Македонија.

Организирањето на тркалезаната маса, рече, има за цел да ја потенцира значајната улога на нотаријатот, кој, како што рече, базиран на граѓански и правни принципи, ја има во остварување поефикасен правен систем и правна сигурност.

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски цитирајќи податоци за работата на нотарите во изминатите 10 години истакна дека работеле на речиси 14 милиони премети, како нотарски акти, заверки и потврди, платни налози, оставински предмети…и оти нотаријатот со нив се потврдил како угледна правна служба која одговорила успешно и квалитетно на доверените овластувања и дал значаен придонес за поефикасен правен систем и правна сигурност.

Со доверените надлежности на нотаријатот, рече, судовите се растелретиле од одредени постапки.

Достигнатите работења во овие десет години, но и претходно од 1996 кога е донесен првиот закон за вршење нотарски работи и стекнатите искуства претставуваат силна гаранција за натамошен развој и постигнување уште поефикански резултати.

Последните законски измени, донесени во 2016, а почнаа да се применуваат на почетокот на 2017 година, предвидуваат вкчучување на адвокати во постапки пред нотар, како оставински постапки или купопродажни договори за движен и недвижен имот над 10 илјади евра.