Нотарите со намален број на предмети

Извршните предмети кои што ги работат нотарите во последните четири години бележат тенденција на намалување. Во 2014 година се примени 40.000 предмети помалку, во споредба со 2013 година. Тоа, според претседателката на Нотарската комора на Македонија Зорица Пулејкова, зборува за финансиска дисциплина и уредност во исполнување на договорите од страна на граѓаните и правните лица, пренесува МИА.

За влијанието на работата на нотарите на правната сигурност во платниот промет и постигнатите резултати по правните реформи денеска дебатираа нотарската фела, експерти и претставници на институции и приватни фирми.

Лани нотаријатот извршил вкупно 1.558.455 нотарски работи по разни основи, нотарски акти и солемнизации, заверки, потврди, оставински предмети, платни налози, или за 4,80 проценти помалку од 2013 година, покажува анализата што ја презентира поранешниот министер за правда Михајло Маневски, ангажиран како независен експерт за сумирање на работата на нотарите.

Од 19.500 оставински предмети доверени кај нотарите од страна на судовите во минатата години решени се 70 проценти. – Против тие решенија на нотарите се поднесени 70 приговори, што претставува само 0,6 проценти, и е нешто незначително, а значи дека квалитетот на услугата е на прилично виско ниво, изјави Пулејокова.

За 8 години, како што рече, се изречени три правосилни кривични пресуди за нотари, од кои две се завршени со условна осуда, а една со парична казна од 6.000 денари.

Според Рикард Бок, потпретседател на федералната нотарска комора на Германија, состојбата со нотаријатот во Македонија може да се оцени како добра и многу е важно какви компетенции им се доверени на нотарите. Имотните права, посочи, се столбот на нотаријатот и таа надлежност треба да биде пренесена комплетно на нотарите.

– Имотното право е столбот на секое стопанство и нешто што го интересира секој инвеститор, секој да се потпре на правен систем кој му дава сигурност за да може да функционира. Токму оваа задача треба да се даде на професија со јавно овластување доделено од државата. Од друга страна државата и нотарите се обврзани да обезбедат висок квалитет во правните услуги што ги даваат, изјави Бок.

Во нотаријатот во Македонија лани работеле 766 лица, од кои 177 нотари и 589 нотарски стручни и административни соработници.