Нов апарат за невромониторинг на Тораковаскуларна хирургија

Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Зоран Спировски рече дека со апаратот ќе се врши детекција на нервот, кој е одговорен за гласните жици, неговите гранчиња со кои како хирурзи доаѓаат во колизија при оперативни зафати на тироидната жлезда пред се на малигните заболувања на тироидната жлезда.

– Овој апарат покрај тоа што ќе најде широка примена кај нас, тој ќе може исто така да се користи и на Клиниката за оториноларингологија, на Клиниката за максилофацијална хирургија, истакна Спировски.

– Годишно на Клиниката се прават 200 до 230 операции на тироидната жлезда. Компликациите кои ги има после вакци интервенции зависат од стадиумот на заболувањето на малигната болест на штитната жлезда. Ние не заостануваме од оној среден процент на компликации кои се својствени за големи болници и се од 5 до 10 отсто. Сега се надевам дека драстично ќе го намалиме и овој процент, рече Спировски.

Појасни дека апаратот е поврзан со тубата која се става во душникот и преку која се дава анестезија на болниот. Таа туба, истакна, е специјална со специјална електроника која се поврзува со инструмент кој ние директно во оперативното поле го користиме.

Доктор Александра Кониг од Универзитетски медицински центар Хамбург-Епендорф, која е специјалист за оперирање на тироидна жлезда, истакна дека годишно извршуваат околу 300 операции на тироидата и користат нов метод на невромониторирање.

Посочи дека станува збор за многу добар метод и веќе е прифатен како стандард во Германија, за да се зачува нервот. Методата, нагласи, е одлична за пациентот, но и многу полезна за хирургот, кој може да види за време на операцијата, што се случува со нервот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.