Нов булевар во Аеродром

Неодамна беше пуштен во употреба првиот дел од реконструираниот булевар „Трета македонска бригада“ во Аеродром, а градските власти веќе се подготвува за проширување на втората етапа од делницата, во која ќе се градат две нови ленти кон Тутунски комбинат.

Веќе е распишан оглас за изработка на проектот што се однесува на потегот од точката од каде заврши првата фаза, а тоа е бензинската пумпа близу средното училиште „Димитар Влахов“ во Мичурин до раскрсницата кај Тутунскиот комбинат. Должината на која и овој пат ќе се работи изнесува околу 1,2 километар, пишува Дневник.

По завршување на работите ќе се добие целосно ново булеварско решение од вкупно 2,5 километри во источниот дел од градот, кое ќе овозможи брз и непречен проток на возилата од Лисиче и Аеродром кон централното подрачје. Проектот треба да даде сообраќајни решенија за две нови ленти, велосипедски патеки, тротоари, канализација и ново осветление. Огласот за изработка на проектот трае до денеска.

Првата фаза од претворањето на улицата во булевар заврши во минатиот месец. Улицата беше проширена на потегот од булеварот Србија до бензинската во Мичурин. Градежните работи се одвиваа во должина од 1,3 километар, при што сообраќајницата доби две нови ленти со целосно нова инфраструктура, особено патеки за пешаци и велосипеди.

Во врска со почетокот на градежните работи од втората фаза, во Градот се надеваат дека сите технички работи ќе завршат брзо, по што ќе може да се фокусираат на изградбата.

– Се надеваме градежните работи да почнат до Нова година, но во секој случај тоа зависи од проектот и изборот на изведувач, велат од Одделението за односи со јавноста за Дневник.

По завршувањето на двете фази од реконструкцијата и проширувањето на „Трета македонска бригада“ на ред ќе дојде и третата етапа, која најверојатно ќе биде финансиски најскапа, затоа што подразбира пробивање на улицата кај полициската станицата „Пролет“, која ќе се поврзе со булеварот Kочо Рацин кај поранешно „Југодрво“. Така ќе се овозможи непречен проток на возилата кон базенот, кои доаѓајќи од Мичурин кон Центар нема да мораат да вртат лево кон зградата на „Kјуби“.

Според Генералниот урбанистички план за Скопје, предвидено е улицата да поминува низ дворот на средното училиште „Kорчагин“ и притоа да биде експроприран и приватен објект, но завршниот проект ќе покаже дали сето тоа е потребно.

Според деталниот план за овој реон, именуван како „Јужен дел-централно подрачје“, предвидено е и пробивање на улица низ паркингот кај „Kјуби“, од улицата 11 Октомври. Оваа замисла не е поврзана со третата фаза на „Трета македонска бригада“, но има врска со проектот на Градот, бидејќи новата улица би требало да се спои со таа што Градот има намера да ја пробие кај полициската станица „Пролет“.

На тој начин ќе се добие сообраќајно решение што ќе овозможи брз проток на возилата што се движат кон зелениот пазар или кон базенот, без непотребно да вртат, како што беше досега.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.