Македонија

Нов факултет за ИКТ отворен во Битола

Нов факултет за ИКТ отворен во Битола

Нов Факултет за информатички и комуникациски технологии – ФИКТ денеска е отворен на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Во  него се споени досегашните студиски програми од техничкиот и факултетот за администрација и менаџмент на информациски системи, а ќе се воведат и нови програми.

Ректоратот на Универзитетот е во преговори за ангажман на визитинг професори или со полно работно време од ЦЕРН, Швајцарија, Пекинг, од Франклин Универзитет во САД, како и од Факултетот за политехнички науки во Берлин.

– Во новоотворениот Факултет за информатика и комуникациски технологии-ФИКТ ќе биде вклучен и наставниот кадар од досегашниот Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи-ФАМИС кој заради згаснувањето е пренасочен и згрижен на ФИКТ каде во новата академска година се запишани 341 студент, рече на свеченоста ректорот Златко Жоглев.

Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, иледејќи го трендот на недостиг од инженери од информациско комуникациски технологии особено во пелагонскиот регион, Владата одлучила да изврши спојување на студиските програми од Технички факултет и Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи во еден, нов факултет.

ФИКТ, смета Ивановски, ќе биде успешна приказна, а студентите по дипломирањето ќе бидат способни директно да се вклучат на пазарот на трудот.

– Домашните ИТ-компании од овој регион критикуваа дека со претходните студиски програми немало доволен квалитет, се разбира со исклучоци, и токму поради таа препорака од приватниот сектор и анализите што ги направивме за недостатокот за работници кој што ќе бидат во ЕУ до 2016 година каде се очекува да има 863.000 на ниво на ЕУ за ИКТ-инженери, Владата го оформи овој факултет, посочи министерот Ивановски.

Студентите, нагласи, се едуцираат за да може да работат и градат иднина во Република Македонија.

– Поставената инфраструктура и последните индикатори покажуваат дека Република Македонија е високо рангирана на светски рамки, со модерна инфраструктура, со брз широкопојасен интернет кој на секој квалификуван инженер му овозможува да работи од која било позиција во Република Македонија и да биде конкурентен  на пазарот на трудот не само во Македонија и не само на територијата на ЕУ, туку и во цел свет, истакна Ивановски