Нов кикс на Јунајтед, Салах го спаси Ливерпул

По идентичните ремија против Лестер и Барнли кои завршија 2:2, фудбалерите на Манчестер Јунајтед уште еднаш киксираа во последниот натпревар од саботната програма на 21 коло откако на својот „Олд Трафорд“ против Саутемптон одиграа без голови.

Манчестер Јунајтед сега падна на третата позиција со бод помалку зад Челзи кој има 45 бодови, и дури 14 бодови помалку од водечкиот Манчестер Сити кој има и меч помалку. Саутемптон, пак, е 13-ти со 20 бодови.

Претходно Ливерпул на својот „Енфилд“ с пресврт успеа да го совлада Лестер со 2:1 (0:1), а херој на „редсите“ беше Египќанецот Мохамед Салах кој ја игра најдобрата сезона во кариерата.

Лестер поведе уште во 3 минута со погодокот на својот голгетер Џејми Варди. Потоа играчите на Ливерпул го опседнаа голот на гостите, создадоа пет стопроцентни шанси за погодок, но на полувремето се замина со предноста на Лестер. Доминацијата на домашните продолжи и во второто полувреме а неа ја круниса Салах со двете индивидуални акции по кои погоди во 52 и 76 минута. Египетскиот напаѓач оваа сезона е најкорисниот играч во Премиер лигата со 17 голови и пет асистенции.

Ливерпул сега има 41 бод и се зацврсти на четвртото место, додека Лестер остана на 8-та позиција на табелата со 27 бодови.

Челзи го прегази Стоук со 5:0 со што го мина Јунајтед. Најдобриот играч на лондонските „сини“ Еден Азар остана на клупата за резерви, но затоа пак брилјираше Бразилецот Билиан кој беше стрелец на погодокот од пенал во 73 минута а уште двапати асистираше за погодок. Стрелци уште беа Рудигер во 3, Деи Дринковотер во 9, Педро во 23 и Запакоста во 88 минута. Стоук Сити е 15-ти со 20 бодови во групата од осум екипи почнувајќи со 13-от Саутемптон кои се во пет бодови разлика со последниот Вест Бромвич Албион.

Борнмут на својот терен го совлада Евертон со 2:1, а двата гола за домашните ги постигна Раја Фрејзер во 33 и во 88 минута. За гостите во 57 минута погоди Идриз Гуеје. Борнмут е на 14-та позиција со 20 бодови, додека Евертон со 27 бодови е на 9-то место на табелата.

Свонси побегна од самото дно на табелата откако со пресврт на гостински терен го совлада со 2:1 Вотфорд. Со голот на Андре Кариљо од 11 минута Вотфорд беше во водство, но пресвртот на Свонси се случи во финишот од мечот со головите на Џордан Ајева во 86 и Лусијан Нарсињо во 90 минута. Свонси сега е со 16 бодови е на 19-то место, додека Вотфорд е 10-ти со 25 бодови.

Дебитантот Хадерсфилд Таун и Барнли одиграа здодевен натпревар без голови. Хадарсфилд со 24 бодови е 11-та позиција, додека Барнли со 34 бодови е седми.

Без голови одиграа и Њукасл Јунајтед кој е на 16-то место со 19 бодови и Брајтон енд Хоув Албун кој има 22 бода на 12-та позиција.

Во недела играа Кристал Палас – Манчестер Сити и Вест Бромвич Албион – Арсенал.