Нов колективен договор потпишан во МВР

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Тихомир Најдовски денеска потпишаа нов колективен договор.

Со новиот колективен договор прв пат се создава јасна класификација на работните места по нивоа, со што се создаваат услови за поефикасно имплементирање на системот на кариера и ќе се добие нова листа на плати, потенцира Јанкулоска.

Таа додаде дека преку договорот е разработена постапката за спроведување на мерките за одличен и слаб ефект, односно со оценка пет ќе можат да бидат оценети најмногу пет проценти од оценетите работници од конечната ранг листа на сите работници во МВР. Ова значи дека истите ќе може да бидат наградени со бонус од една основна плата. Новина во договорот е тоа што оценувањето ќе го вршат претходно обучени и сертифицирани лица, од кои двајца ќе бидат колеги на лицето кое се оценува.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Тихомир Најдовски рече дека со новиот договор се воведени повеќе битни новини за подобрување на условите и правата на вработените во МВР.

– Воведен е електронски начин на полагање на приправничкиот испит, направена е јасна дистинкција помеѓу распоредувањето и унапредувањето, а е извршено и прецизирање на постапките за нивно спроведување и реализирање. Исто така унапредени се одредбите за безбедност и здравје при работа, истакна Најдовски.

Тој додаде дека многу важна новина е и воведувањето, нови работни места за психолозите во секторите, односно за почеток двајца во Скопје и по еден во другите.

Најдовски појасни дека е решен и статусот на вработените со вишо образование, дека се разработени, прецизирани и унапредени одредбите за мирно решавање на колективни и индивидуални спорови и арбитража. Исто така, додаде дека воведени се поголеми права на синдикалниот претставник во постапката за утврдување материјална одговорност на работниците, како и дека е воведен додаток за работа во издвоени објекти.

Министерката меѓу другото потенцира дека со новиот колективен договор се задржани правата кои на вработените им беа загарантирани со претходниот.