Нов крвав напад со нож во Кина – еден студент убиен и шестмина ранети

Студент за кој се верува дека страда од депресија со нож уби еден студент и рани шестмина други на колеџ во Кина, пренесуваат британските медиуми.

Студентот, идентификуван со семејното презиме Ван, вооружен со нож, упаднал во предавална во југозападниот град Кунмин и избодел седум студенти, од кои еден починал.

Во последните неколку години во оваа земја беа извршени серија напади со ножеви и жилети, од кои многу беа врз ученици, потсетуваат британските медиуми.

Во последната година имаше повеќе напади со нож, што кинеските власти ги кренаа на нозе, особено по атентатот со ладно оружје во март минатата година на железничката станица во градот Кунмин, каде беа убиени 31 лица, вклучувајќи ги и четворицата напаѓачи, кои беа застрелани од полицијата. За нападот Владата ги обвини исламските екстремисти од регионот Сиангџијанг.