Нов лек на Позитивната листа на лекови на товар на ФЗОМ

Од 1-ви ноември оваа година влегува нов лек на позитивната листа на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а тоа е лекот со генерика Clopidogrel, лек за кардиоваскуларни заболувања.

Осигурениците досега го купуваа лекот clopidogrel приватно (лек за мозочен удар и инфаркт), а со утврдување на референтна цена, лекот ќе може да се подигне на рецепт на товар на Фондот во било која аптека која има склучен договор со ФЗОМ. За оваа генерика Clopidogrel има лекови од 10 фармацевтски производители, што обезбедува добра конкуренција на пазарот.

На Позитивната листа, воведени се и медицинските индикации за кои се однесува лекот на товар на Фондот, како и начинот на издавање на лекот на пациентите. Кардиолог или интернист може да го препорачаа лекот на пациенти со инфаркт на срце, пациенти со акутен коронарен синдром и пациенти со акутен инфаркт на срце подобни за терпија со тромболитици. Невролози и невропсихијатри може да го препорачаат лекот на пациенти со исхемичен мозочен удар. Торакален, васкуларен, кардиоваскуларен хирург по извршена хируршка интервенција ќе може да го препорачаат лекот за пациенти со болести на срце и стеснување на артерии во вратот и атеросклероза. Точно е дефинирано времето на користење на овој лек за скекој вид на заболувања на товар на Фондот.

Оваа новина е големо олеснување и придобивка за 20.000 пациенти годишно. Отсега, овие осигуреници ќе заштедат со оваа новина 57 милиони денари годишно од сопствениот џеп.

10.000 осигуреници од цела Македонија кои имаат заболувања на тироидната жлезда – хипотиреоза и се упатуваат на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина секоја година само за да направат лабораториско испитување и потврдување на истата терапија, од 01 ноември 2014 ќе можат таа услуга да ја добијат кај матичниот лекар.

Имено, пациентите со хипотиреоза со веќе поставена соодветна доживотна супстициона терапија од страна на Институтот за патофизиологија, според клиничките упатства, својата здравствена состојба и ефикасноста на терапијата ќе можат да ја следат многу поедноставно, само еднаш годишно, со посета на матичен лекар. Матичните лекари покрај клиничките упатства веќе имаат спроведено и едукација – работилници, согласно договорот со Фондот во 2014 година, на тема “Нарушување на функцијата на тиреоидната жлезда- дијагностика и терапија”. Матичните лекари од 01 ноември можат директно да ги упатуваат пациентите на биохемиско / лабораториски испитувања за TSH во било која лабораторија, која има договор со Фондот. Доколку резултатите се во рамките на нормалните вредности, матичниот лекар продолжува да ја пропишува истата терапија цела година.

Дополнително и во упатствата по медицина базирана на докази, следењето и лекувањето на овие пациенти е на примарно ниво, при што од страна на избраните лекари е потребно еднаш годишно да се направи контрола на вредноста на TSH (тиреостимулирачки хормон) и доколку истата се движи од 0,4-4,5µU/ml, избраниот лекар ја пропишува тиреосупституционата терапија. Првичното дијагностицирање на болеста и одредување на терапија го прави специјалист/субспецијалист, додека избраниот лекар ќе продолжи да ја следи ефикасноста на терапија и да ја пропишува доколку вредноста на тиреостимулирачкиот хормон (TSH) е во рамките на наведената граница. Доколку вредноста е надвор од оваа граница, избраниот лекар го упатува осигуреното лице на повисоко ниво на здравствена заштита (специјалист/ субспецијалист) за дополнителни испитувања и евентуална промена на терапијата.

Паралелно, направени се измени и во режимот на пропишување на лекот Levothyroxine од Листата на лекови, кои паѓаат на товар на Фондот, кој од режим RS (По препорака на: лекар специјалист интернист, специјалист по нуклеарна медицина;) и RSS (по препорака на лекар субспецијалист ендокринолог) се менува во режим R (избран лекар, самостојно – при хронична примарна хипотиреоза со следење на ефектот од субституционата терапија преку нивото на TSH најмалку еднаш годишно (од 0,4-4,5µU/mL).

Нова придобивка за осигурениците е од 1-ви ноември 2014 година ФЗОМ овозможува рефундации за лекови кои осигурениците ги набавиле во странство, односно отсега осигурениците ќе може да добијат поврат на средства за лекови купени во странство, без разлика дали лекот е регистриран во Република Македонија или не.

Овие измени и дополнувања се објавени во Службениот весник на РМ бр.156 од 24.10.2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.