Нов напад на ИД – 29 мртви, 142 повредени

Најмалку 29 лица загинаа, а 142 се повредени во денешниот самоубиствен напад за време на протест на малцинската група Хазари во Кабул, информираат авганистанските власти.

Хазарите протестираа поради незадоволство од планираната траса на далекувод, вреден повеќе милиони долари.

Претходно ДПА, повикувајќи се на портпаролот на Министерството за здравство на Авганистан, информира за најмалку 20 убиени и 160 ранети во две експлозии.

Според податоците на телевизијата „Толо њуз“, цитирана од ТАСС, двојната експлозија била изведена организирано од тројца атентатори самоубијци.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, информираа британските медиуми, повикувајќи се на агенцијата на џихадистите Амак.

-Двајца борци на Исламска држава ги активираа своите појаси со експлозиви на собир на шиити во Кабул, соопшти агенцијата Амак.

Демонстрантите инсистираат планираната изградба на далекуводот во земјата да минува преку две провинции, населени главно од сиромашното хазарско малцинство.

Хазарците се шиити од монголско и иранско потекло, кои зборуваат на јазик близок до фарси и сочинуваат приближно девет проценти од населението на Авганистан.

Полицијата синоќа преместуваше камиони и контејнери за да ги блокира главните патни правци и на демонстрантите да им попречи да стигнат до центарот на градот и претседателската палата. Продавниците беа затворени, а движењето околу 4,5-милионскиот град беше ограничено, посочуваат американските медиуми.

Претставниците на најголемото етничко малцинство во Авганистан по вторпат протестираат против новата маршрута на регионалниот електровод, вреден милиони долари. Претходниот протест во мај привлече десетици илјади луѓе, кога исто така беше затварена централната трговска зона на Кабул.