среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 58

Нов објект за Драмски театар и шест премиери во јубилејната година

Драмскиот театар-Скопје, кој годинава прославува седум децении постоење, ќе добие нов објект на местото на постојниот. Министерството за култура веќе го објави тендерот за изведувач и понудите ќе бидат отворени по еден месец.

театар

Поврзани вести

Има доста заинтересирани фирми, отворањето на тендерот е на 4 април, така што доколку биде успешен, може да очекуваме на крајот на април, почетокот на мај, да почне изградбата на нов театар на местото на сегашниот Драмски. Објектот ќе биде доста функционален, со најсовремена сценска технологија по сите светски стандарди. Сите проекти се изработени на највисоко ниво. ДТС ќе има две сали – една поголема, со 397 седишта, повеќе отколку сегашните 330, и ќе има помала сала до сто седишта. Вкупната бруто површина на целиот објект е 17.700 метри квадратни, со целосно партерно уредување, изјави министерката Елизабета Канческа-Милевска која денеска го посети Драмски театар.

Рече дека на заеднички состанок со директорите на сите театри во Скопје ќе биде утврдена распределба на термини и локации за нивните претстави  додека трае изградбата на ДТС, со оглед дека привремен простор за изведби им е потребен и на Албанскиот и на Турскиот театар зашто во тек се градежни работи за нивните објекти и тие сега работат во Театар Комедија.

dramski-2

Канческа-Милевска го пофали менаџирањето на ДТС кој нема долгови и минатата година во целост реализирал се што било одобрено со Годишната програма на Министерството за култура.

–       Институцијата нема долгови и тоа е за пофалба. Финансиската состојба е на позитивно салдо и со сопствени средства се реализирани копродукции и други претстави. За оваа јубилејна година се планираат многу активности, а во Годишната програма за 2016 се одобрени шест премиери на познати режисери. ДТС ќе има и регионална турнеја со „Генетика на кучињата“. Се планира да се издаде и голема монографија за јубилејот, рече Канческа-Милевска.

dramski-1

Директорот Роберт Велјановски и уметничкиот директор Рубенс Муратовски ги соопштија плановите за оваа година, во која централно место е 70-тиот роденден кој ДТС го слави на 21 април. На тој ден премиерно ќе биде изведена култната претстава „Буре барут“ на Дејан Дуковски во режија на Сашо Миленковски. На 20 март, пак, на Светскиот ден на театарот за деца, ДТС ќе ја постави првата премиера во оваа календарска година: „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Димче Николовски.

До крајот на годинава ДТС ќе постави уште четири премиери: „Кристофор Колумбо“ од Мирослав Крлежа во режија на Љубиша Георгиевски, „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир во режија на Наташа Поплавска, „Сирано де Бержерак“ во режија на Дејан Пројковски и „Франкештајн“ во режија на Лилија Абаџиева од Бугарија.

Велјановски очекува успешна година како што била  2015, кога имале осум премиери – пет финансирани од Министерството за култура и три копродукциски проекти, одиграни вкупно 226 претстави со 47.990 гледачи. Задоволен е и од одѕивот на средношколците за владиниот проект „Слободна средношколска среда“ зашто за неполни 40 дена имале 667 средношколци со бесплатен билет во Драмски. Веќе осум месеци во ДТС се спроведува и акцијата „Слободен четврток за студенти“ и досега околу 1.100 студенти го искористиле тоа право.

dramski

Рубенс Муратовски информираше дека 70-те години постоење, покрај со редовна програма, ДТС ќе ги одбележи и со други активности – изложби на костими и фотографии од седумте децении. Одбележувањето, под мото „70 години Драмски – 70 години театар“ ќе продолжи и по роденденот на 21 април. Ќе има изведби на отворено, на невообичаени места, како врвот на Водно, на плоштадите итн…, со цел овојпат театарот да дојде кај публиката. Од 12-ти до 16 април сите други театари ќе гостуваат на сцената на Драмски театар во чест на неговиот роденден, а потоа гостувањата ќе продолжат во секој вторник.

Најчитани вести