Нов парк во Аеродром кај Мајчин дом

Градочаналниците на Град Скопје и на општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, денеска официјално го означија почетокот на изградба на нов парк спроти „Мајчин дом“, поточно на просторот на аголот меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и булеварот „Јане Сандански“.

Новиот парк ќе се простира на површина од 2.319 м2 и ќе содржи пешачки патеки, водени површини, езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште. Во паркот ќе се задржат постојните дрвја кои се наоѓаат на оваа локација, а дополнително ќе биде збогатен со ново зеленило составено од нискостеблести растенија и цвеќе. Водените површини во паркот ќе бидат осветлени со рефлектори, кои ќе го надополнат амбиентот навечер.

-Со хортикултурно и партерно уредување на овој простор ќе се создаде пријатно место за престој, рече градоначалникот Коневски.

Градоначалникот Трајановски, пак рече дека со изградбата на овој парк ќе се придонесе во подобрувањето на животната средина во Општина Аеродром.

Вредноста на оваа инвестиција ќе биде околу 30 милиони денари. Со овој проект продолжува традицијата на унапредување и заштита на животната средина и на градење паркови во новопроектирани зони во Аеродром, како карактеристично обележје, по кое стана позната и препознатлива општината, во која последниве неколку години се изградени околу 100.000 квадратни метри нова зелена површина.