Нов педофилски скандал со свештеници ги потресе САД

Американски католички епископи помогнале во четиридецениското прикривање на сексуални злоупотреби на 50 католички свештеници и религиозни претставници врз стотици деца во Филаделфија.

Ова е посочено во извештајот сочинет на 147 страници, што се темели на тајни архиви и што содржи докази со кои се посочуваат епископите Џејмс Хоуган и Џозеф Адамек, дека од средината на 60-тите години на минатиот век до 2011 година биле на чело на епархијата Алтуна-Џонстаун, информираа светските агенции.

Во оваа епархија има околу 90.000 свештеници.

Двајцата епископи биле информирани за мноштво тврдења за злоупотреби и интервенирале за да и попречат на полицијата и на истрагата да ги уапси свештениците педофили.

-Нивното поведение на опасност изложило илјадници деца и на овие „предатори“ им овозможило да злоупотребуваат други деца, изјави обвинителката на државата Пенсилванија, Кетлин Кејн, чија канцеларија го лиферува извештајот.

Против двајцата епископи, меѓутоа, не можат да бидат почнати никакви судски постапки затоа што осомничените свештеници педофили починале или затоа што нивните жртви се премногу траумизирани за да дават изјави или да сведочат.

Џејмс Хоуган починал во 2005 година. Тој бил епископ на епархијата Алтуна-Џонстаун од 1966 до 1986 година. На оваа позиција го наследил Џозеф Адамек, кој се пензионирал во 2011 година и денеска е на возраст од 80 години.

Лиферуваниот извештај е плод на двегодишна истрага. За тоа време иследниците успеале да дојдат до 115.000 документи, меѓу кои и до белешки во ракопис од епископот Хоуган, документи испратени на Адамек, декларации за жртвите, кореспонденција со свештениците педофили и друго.

Веста се појави непосредно по добивањето на филмот „Спотлајт“ на Оскар за најдобар филм. Филмот се темели на новинарските откритија за злоупотребите на свештеници педофили во американскиот град Бостон.

Меѓу 5.700 и 10. 000 католички свештеници во САД беа обвинети за сексуални агресии, но само неколку стотици од нив беа судени и осудени за нивните поведенија