Нов пораз на Меј во британскиот Дом на лордовите

Горниот дом на британскиот парламент – Домот на лордовите ѝ нанесе во вторникот уште еден пораз на владата на премиерка Тереза Меј гласајќи против нејзините планови за напуштање на агенциите на ЕУ, по излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

Домот на лордовите со 298 наспроти 227 гласови го усвои амандманот на планот на премиерката Тереза Меј за Брегзитот барајќи Велика Британија да учествува или да го одржува формалните односи со агенциите на ЕУ и откако ќе излезе од Унијата.

Членовите на Домот на лордовите, во мнозинство, се наклонети на Европската унија. И ова не е првпат горниот дом на парламентот да ѝ се спротистави на стратегијата во спроведување на Брегзитот.

Така на 18-ти април Домот на лордовите изгласа амандман кој го доведува во прашање планот на Меј за напуштање на царинската унија со ЕУ. На 30-ти април Домот на лордовите, исто така, изгласа амандман со кој го овластува парламентот да го блокира или да го одложи конечниот договор за излегувањето од Европската унија.