Нов потоп на МЗТ во регионалната лига

(Photo: MZT Skopje Aerodrom/Dragan Mitreski)

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром беа поразени од Мега Бемакс во рамките од 7-то коло на регионалната АБА лига со 76:92 (14:32, 22:25, 17:13, 23:22), со што се на дното од табелата со однос две победи и пет порази, од кои три во серија.

Гостите од Сремска Митровица го искористија бледото издание на „металиците“ во првите две четвртини, особено во одбраната, постигнувајќи дури 57 поени, заминувајќи на полувремето со предност од 21 поен (57:36), откако во еден момент имаа и највисоко водство од 25 кошови (47:22).

Во продолжението од мечот кошаркарите на МЗТ се трудеа да ја стасаат предноста на гостите , а тоа делумно им успеа само во четвртиот дел кога со серија од 12 кошови дојдоа на негатива од само пет поени (65:70). Но очигледно дека домашните играчи немаа сила да го надоместат она што го дозволија во првите два квартала од дуелот.

Поразот на скопскиот тим се отсликува во поразителната статистика: само 3 „тројки“ од дури 19 обиди, вкупниот шут од просечни 41,4 отсто, а не реализираа десет слободни фрлања (13 од 23), како и инфериорноста во играта под обрачите (29-43).

Бојан Трајковски со 16 кошови беше најефикасен, Дамјан Стојановски постигна 13, а дебитантот за МЗТ Радосав Спасојевиќ 12 поени на што додаде 5 скока, 3 асистенции и 2 блокади. Кај Мега тандемот Ребиќ – Мушиди постигнаа дури 40 поени.

Следен противник во АБА лигата на МЗТ е Унион Олимпија, а мечот ќе се игра следната недела во Љубљана.