сабота, 27 мај 2017  |  Вести денес: 33

Нов повик за бесплатно учење деловен англиски јазик за 200 невработени

Обуката ќе се реализира преку Агенцијата за вработување, ќе трае три месеци интензивно или вкупно 45 часа, а по нејзиното завршувањето е платено и сертифицирањето, односно полагањето за добивање на меѓународно признатиот сертификат од Кемриџ Универзитетот, валиден кај секој работодавач.

povik

Последни вести

Распишан е нов јавен повик за уште една бесплатна обука на 200 невработени лица за деловен англиски јазик, соопшти денеска дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов по посетата на Центарот за странски јазици во Скопје.

Како што објасни Спасов, и овојпат обуката ќе се реализира преку Агенцијата за вработување, ќе трае три месеци интензивно или вкупно 45 часа, а по нејзиното завршувањето е платено и сертифицирањето, односно полагањето за добивање на меѓународно признатиот сертификат од Кемриџ Универзитетот, валиден кај секој работодавач.

– Оваа мерка им заштедува финансиски средства на невработените кои сакаат да ги подобрат своите знаења, компетенции и стручност за да станат поконкурентни на пазарот на трудот зашто ако некој приватно сака да посети курс за деловен англиски и да го сертифицира своето знаење, треба да плати 10.000 денари, подвлече дополнителниот заменик-министер.

Изминатите години околу 7.600 лица ги посетиле обуките за странски јазици и компјутери, а 3.600 од нив по завршувањето се вработиле.

За посетување обуки за компјутерски вештини слободни се 700 места, а за странски јазици 400. – Невработените да ја искористат оваа шанса, да аплицираат и да ги посетат обуките. Обезбедениот буџет за оваа намена е околу 10 милиони денари, апелира Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски кој беше во придружба на Спасов, потенцира дека приоритет е следењето на барањата на невработените.

– Секогаш се трудиме да им излеземе во пресрет. Паралелно со повикот за деловен англиски, обезбедивме и можност невработените кои сакаат, по свој избор, да го сертифицираат своето знаење за ворд и ексел, нагласи Поповски.

Во наредниот период, додаде, сите невработени што сакаат да изучуваат странски јазици и да се обучуваат за општи ИТ вештини, ќе можат да се пријават во Агенцијата и веднаш кога ќе се создаде минимално потребна група, обуките ќе се одржат во соодветните градови од каде што се пријавените.

Директорката во Центарот за странски јазици Валерија Стојчевска се заблагодари за довербата на Министерството и Агенцијата, нагласувајќи дека ќе продолжи обезбедувањето квалитетна настава што е, рече, препознатливо за оваа институција.

Првата фаза на обука за невработените почна во мај годинава, а покрај англиски, се изучуваат и француски и германски јазик. Наставата се спроведува низ повеќе градови во Македонија, Кичево, Струмица, Пробиштип, Велес, Куманово,…

Најчитани вести