Нов распоред на силите во Собранието

Пратеникот на Демократската партија на Турците, Јусуф Хасани, во вторникот во парламентот соопшти дека излегува од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе делува како независен пратеник.

Така Хасани стана последниот во низата пратеници од досегашната најголема пратеничка групација во парламентот, по чекорот на лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, и на пратеникот избран како кандидат на Граѓанската опција за Макдонија (ГРОМ), Чедомир Саздовски кој излезе и од коалицијата и ќе настапува исто така, како независен пратеник, додека неговиот сопартиец Панчо Минов ќе дејствува од името на партијата, но за разлика од коалицискиот партнер се реши да учествува во работата на парламентот. Наспроти водечката партија во Коалицијата за подобра Македонија, којашто, исто така, во вторникот потврди дека и натаму нема да учествува во работата на Собрането, протестирајќи против притворите на шестмината негови пратеници.

Ваквиот развој на настаните во парламентот можеше да се очекува, имајќи го предвид искуството од минатите собраниски состави, по тесната победа на дотогаш владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ од само два мандата и особено откако СДСМ успеа да го формира кревкот парламентарно мнозинство.

Без разлика на тоа кои се мотивите или, пак, под чие влијание споменатите пратеници „меко“ под формулацијата за „независно“ дејствување ги менуваат коалициските редови, јасно е дека интенцијата на ваквите партиски пребези е начин со кој треба да се создаде простор за зголемување на парламентарното мнозинство коешто се оддржува на стаклени нозе.

Досега, имено, веќе неколкупати се случи пленарните собраниски седници да бидат откажувани поради немање кворум, откако владејачкото мнозинство не успеваше од различни причини да го обезбеди неопходнот број присутни пратеници. Тоа, исто така, го проблематизира и идното гласање на законите од реформската програма на владата на Зоран Заев.

Во таа насока несомнено е дека ќе се апелира на пратеничката одговорност кон граѓаните коишто ги избрале, во настојувањата да се обезбеди стабилно мнозинство. Тенденцијата да се „извлекуваат“ пратеници од опозициската коалиција нуди евентуално уште пет-шест пратенички мандати во полза на владејачкото мнозинство, одејќи според досегашната практика доколку се калкулира со пратеничките мандати на Демократска партија на Србите во Македонија, Здружение за културно обединување на Бошњаците – АВАЗ, кои имаат по еден народен претставник, како и социјалистичката партија која има тројца пратеници, од кои едниот, Љупчо Димовски, е во домашен притвор во врска со предметот за настаните од 27-ми април.

Со таков расплет на ситуацијата, опозициската пратеничка група би се свела на 42 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и натаму ќе биде поединечно најзастапената партија во парламентот наспроти 32-та мандати поединечно на владејачките социјалдемократи, но доколку нема натамошно раслојување во партијата, што е можно имајќи предвид дека вмровците ги очекува периодот на заокружување на партиските тела, по неодамнешниот избор на нов лидер.

Од друга страна, раслојувања коишто може да влијаат врз пратеничката поддршка на владините програми има и кај помалите албански партии, иако се чини дека тука не може да се очекува поголемо нарушување на рамнотежата, во однос на бројот на гласовите со коишто вкупно ќе располага Заев во законодавниот дом. Се уште е нејасна позицијата на Алијансата за Албанците, откако лидерот на оваа коалиција Зиајдин Села остро преку медиумите се препукуваше со челникот на најголамата партија на македонските Албанци, ДУИ – Али Ахмети кој располага со десет мандати. Притоа Села, најавувајќи заминување во опозиција, неодамна објави дека неговата тричлена пратеничка група ја напуштил Весел Мемеди, кој се приклучил на ДУИ, иако вториот го негираше тоа.

Нејасна е и ситуацијата во Движењето БЕСА во коешто има очигледни големи разлики меѓу тетовската и скопската фракција, што се заканува со партиски раскол. БЕСА има пет пратеници, чиешто евентуално потполно опозициско дејствување СДСМ веќе го анулира со истапувањето на пратениците од опозициската коалиција. Но кога станува збор за албанскиот фактор, неговото однесување е под силно влијание на дипломати во земјата, така што на еден или на друг начин, може да се предвиди дека, сепак, и пратениците од споменатите две партии на Албанцие ќе дејствуваат во поддршка на мнозинството во парламентот.