Нов рекорден пад на цената на нафтата на светските берзи

Цените на сировата нафта денеска паднаа на ново најниско ниво во последните пет години, како последица на прекумерните глобални резерви и задржувањето на актуелното ниво на производство.

Цената на барел американска нафта на њујоршката берза поевтини за 86 центи и сега се продава за 62, 96 долари, а барелот на северноморската нафта од типот „брент“ за јануарската испорака на пазарот во Лондон поевтини за 81 центи и цената падна на 66, 03 долари, пренесува Франс прес.

-Со оглед на прекумерните глобални резерви, главна преокупација во овој миг е нивото на производството на нафта во САД. Во фокусот на инвеститорите ќе биде извештајот за американските резерви за да се види дали има некакви промени во порастот на производството, изјави инвестицискиот аналитичар на сингапурската компанија „Филип фјучерс“, Даниел Анг.

Аналитичарите кои што биле консултирани од страна на американскиот весник „Волстрит журнал“ прогнозираат дека резервите на нафтата заклучно со 5-ти декември опаднале за 2, 7 милиони барели, а индустриската групација „Американски институт за нафта“ предвидува зголемување на обемот на резервите за 4, 4 милиони барели.

Цената на тексашката нафта вчера на њујоршката берза падна на најниско ниво од јули 2009 година.

– Подолгиот период на ниски цени на нафтата би требало позитивно да се одрази на глобалната економија во целост, вклучувајќи ги и земјите во развој предводени од Кина и Индија. Сепак постои можност да се обнови загриженоста кај одредени земји, посебно геополитички важните економии како Русија, се наведува во извештајот на истражувачката компанија „Капитал економикс“.

Според проценките на оваа компанија од  Лондон, цените на нафтата и следната година ќе се соочат со падови, поради потенцијалното враќање на иранската нафта на пазарот, но и поради зајакнувањето на доларот.

Цените на нафтата од јуни годинава бележат пад за 40 отсто.