Нов роман на Паскал Гилевски

Во издание на “Матица македонска” од Скопје излезе од печат романот  “Посмртна венчавка” од современиот македонски писател Паскал Гилевски. Во  ова дело со возбудлива содржина е пресликана семејната драма на авторот,  доживеана по погромот на Граѓанската војна во Грција.

Според поетот и литературен критичар Раде Силјан, новото дело на познатиот  писател е “ трогателна приказна за необичната судбина на двајца бегалци од  родниот крај, маж и жена, кои минуваат низ пеколот на егејската епопеја,
чувствувајќи ги врз своја кожа ужасите на војната.

Нивната семејна драма ќе  кулминира откако ќе почине сопругот, со што ќе се отвори уште еден јаз, уште
една драма во драмата: прашањето за докажување на нивната брачна заедница,  кое останатите членови на семејството ќе ги втурне во жестокиот вител на  кафкински устроените судски инстанци “.
Паскал Гилевски е автор на осум романи, на пет збирки со раскази и на четири  поетски книги. Од унгарски, грчки и француски јазик има преведено над двесте  книги на македонски јазик. За своето богато творештво добитник е високи
книжевни и општественио признанија, меѓу кои и на државната награда “23  Октомври” за животно дело.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.