Нов сајт на АВРМ: Поедноставен и полесен начин за пребарување на слободните работни места

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и директорот на Агенцијата за вработување на Македонија Влатко Поповски го промовираа новиот сајт на Агенцијата за вработување.

„Живееме во време на брзо темпо кое ни наметна и брзи комуникации  и информации. Добивањето, пак, на брза, навремена и релевантна информација од прва рака е  многу важна. Прилагодувајќи се на ова темпо, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) започнаа еден исклучително важен проект кој е во насока на зголемување на информираноста на граѓаните со можностите за вработување. Станува збор за нов  веб сервис avrm.gov.mk на АВРМ, односно за новиот сајт на којшто за прв пат на едно место ја имаме понудата и побарувачката и коешто во светот е познато како job market. Овој портал  ќе биде од големо значење во концептуална смисла за сите  оние коишто бараат работа, и оние коишто нудат работа. На овој начин сакаме да дадеме придонес кон подобрување на информираноста за можностите за вработување и мотивираноста на граѓаните за барање на работа”, истакна министерот Спасов.

Со овој проект се овозможува брз и релевантен извор на информации од прва рака, добивање на информација во секое време и следење на огласите за работа на ефтин и едноставен начин. Воедно, тој овозможува навремени информации за сите отворени работни места, број на отворени работни огласи, а секој што ќе се најави на веб сервисот, односно којшто ќе се регистрира ќе може да добива известувања за огласите за вработувања по e-mail и смс, со што сакаме да ги поттикнеме невработените да конкурираат, да бараат работа и да не се откажуваат. Имено, денес во нашата држава има во овој момент над 4765 слободни работни места.

„Нашиот главен императив, при креирање на содржините на оваа е-страница,  беше демонстрирање на одговор на потребите на невработените лица.  Преку динамичен и проактивен пристап, и двете страни: и барателите и работодавачите, ќе имаат шанса и можност за остварување на својата примарна цел – вистинска, брза информација на вистинско место”, рече министерот Спасов и упати апел до сите баратели на работа да бидат проактивни, што е можно почесто да ја отвораат, да ја користат оваа веб страна, затоа што таа, ќе им го олесни пристапот до пазарот на труд.

Министерот за труд и социјална политика информираше дека е изготвен Акцискиот план кој претставува сет од промотивни активности, кои на современ, директен и атрактивен начин (близок со целната група) ќе информираат и едуцираат за можностите и придобивките за вработување, за отворените работни места и за  Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување.

„Промотивните активности ќе се реализираат преку информативни средби, развој на апликација за мобилни телефони со која ќе се информираат лицата за слободните работни места и Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, која е во завршна фаза формирање на инфоклубови на четири универзитети и медиумска кампања, неделна брошура за сите отворени огласи за вработување, смс и меил известување, поставување на инфо табли”, информираше министерот Спасов.