Нов силен земјотрес го погоди индонезискиот остров Ломбок

Силен земјотрес со интензитет од 6,2 по Рихтер го погоди индонезискиот остров Ломбок каде во неделата имаше земјотрес од 6,9 степени по Рихтеровата скала.

Земјотресот бил на длабочина од 12 километри и епицентар во североисточниот дел од островот. Тоа е трет силен потрес во Ломбок за нешто повеќе од една седмица. Локални медиуми јавуваат за урнати објекти.

Во претходниот потрес загинаа најмалку 350 луѓе, десетици илјади се без покрив.

Потресот со магнитуда од 6,9 во неделата навечер предизвика голема паника меѓу локалното население и бројните туристи, една седмица по друг земјотрес во кој загинаа најмалку 17 лица на овој вуклански остров омилен меѓу странските и домашните туристи поради плажите и шеталиштата.

Двата најголеми светски архипелаг Индонезија и Филипини, се дел од таканаречниот Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е една од сеизмички најактивните зони на планетата.

Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во коешто загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.