Нов силен земјотрес го погоди Мексико

Земјотрес со магнитуда од 5,9 степени по Рихтер го погодил во неделата западниот брег на Мексико, соопшти Пацифичкиот центар за предупредување од цунами.

Епицентарот на новиот силен земјотрес во Мексико е регистриран во местото оддалечено 99 километри јужно и југозападно од градот Тонале, во мексиканската сојузна држава Чијапас.

Засега нема официјални информации за материјални штети и евентуално настрадани.

Според американската Геолошка служба (USGS), претходно во саботата е регистриран земјотрес со магнитуда од 6,2 степени со епицентар од близина на Јухатан, тропскиот регион во државата Оахака, која веќе беше погодена од земјотресот од почетокот на месецов со магнитуда со 8,2 степени. Во саботниот потрес регистрирани се пет жртви, според локалните власти.

Во вторникот 19-ти септември, главниот град Сиудад де Мехико беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,1 степени по Рихтер во кој загинаа најмалку 307 луѓе. Во овој земјотрес се оштетени и повеќе десетици згради а некои од нив се срамнети со земјата.

Тој земјотрес се случи само неколку часа откако жителите учествуваа во традиционалната вежба за случај на земјотрес, што вообичаено се прави на 19-ти септември ден пред годишнината од потресот кој во 1985 година ја погоди мексиканската престолнина кога беа усмртени 10.000 луѓе.

Претходно на 7-ми септември земјотрес со магнитуда од 8,2 степени по Рихтер, за кој се смета дека е најсилниот кој го погодил Мексико во последните сто години, го погоди јужниот дел од земјата и усмрти 98 луѓе.