Нов скандал на „Фолксваген“ – Отвараш врата, палиш мотор!

Германскиот произведувач на автомобили Фолксваген ќе повлече околу 67.000 комерцијални возила „Кеди“ низ целиот свет произведени во периодот помеѓу 2012 и 2013 година. Повлекувањето на возилата следи откако било утврдено дека е можно со далечинскиот управувач за отварање на вратата да се запали моторот на автомобилот, пишува германски „Велт“, пренесува б92.

Било утврдено дека е можно да се запали моторот на автомобилот со далечински управувач, а ако возилото е во брзина тогаш би можело самостојно да почне да се движи, наведува весникот.

Како што пренесува Ројтерс, оваа бројка од 67.000 возила што ќе бидат повлечени, вклучително и 20.800 автомобили во Германија сочинува околу половина од вкупно 132.900 „Кеди“ автомобили што биле продадени во текот на минатата година во цел свет, според податоците на компанијата.

Поради овој проблем, компанијата веќе ги повика сосптвениците на 20.800 возила во Германија да дојдат во сервисите на Фолксваген за да се отстрани можноста за стартување на автомобилот преку далечинскиот управувач кој е наменет само за отварање на вратата

На сопствениците на ваков тип автомобил им се препорачува да не ги оставаат возилата во брзина, туку да ја користат само рачната сопирачка.

Портпаролот на компанијата изјави дека Фолксваген примил рекламација од потрошувачите, но дека нема сознанија за евентуални несреќи предизвикани од проблемот.