Нов случај на туларемија во Македонија

Жител на Лозово најверојатно се заразил од туларемија во селото Картманово во светиниколско. Тој е десеттиот пациент со туларемија на инфективната клиника, пишува Канал 5.

Двајца од десет случаи заразени со оваа болест се од светиниколскиот регион.  Другите заболени се од Арачиново и источна Македонија.

„Во овие региони немало поплави, но има зголемување на бројот на глодари. Луѓето да бидат внимателни со водата за пиење, да внимаваат на местата каде се појавиле глувците. Болеста се пренесува преку воздух, вода, од човек на човек не пренесува“, вели Никола Тодоров, министер за здравство.

Институтот за јавно здравје на терен ги информира граѓаните каде има глувци, што да преземат. Општините на терен прават дератизација и дезинсекција, потврдија од министерството за здравство.

Туларемијата ја пренесуваат глодарите. Симптомите се треска, зголемена температура, главоболки и оток на жлезди. Заболениот мора да се јави во здравствена установа, бидејќи самолекувањето може да предизвика тешка здравствена состојба.