Нов случај на западнонилска треска, овојпат 5 годишно дете

На Клиниката за детски болести денеска е примено петгодишно дете со симптоми на западнонилска треска. Дали навистина станува збор за оваа болест ќе се знае откако ќе бидат добиени резултатите од анализите од две лаборатории, информираше директорката на Клиника д-р Аспазија Софијанова.

Претходно денеска д-р Софијанова потврди дека во болницата се лекувале две деца кај кои веќе е дијагностицирана западнонилска треска.

– Последните три дена на Клиниката за детски болести утврдивме два случаи нови дијагностицирани и потврдени на западнонилска треска кај две дечиња и тоа на многу мала возраст, кај дете на 18 месеци и четиригодишно детенце, кое во добра кондиција веќе е пуштено дома, изјави д-р Софијанова.

Помалото детенце се уште е хоспитализирано на Клиниката за детски болести, бидејќи болеста започнала со неспецифични симптоми кои, како што рече д-р Софијанова, оделе во прилог на болести што лекарите морале да ги исклучат.

Двете деца пред две до три недели престојувале во Грција, што според д-р Софијанова покажува дека западнонилската треска се уште ја има.

Западнонилската треска не се пренесува од човек на човек, туку преку убод од заразен комарец. Најризични категории се постарите лица, деца и луѓе со намален имунитет.