Нов софтвер на ФЗОМ за унапредување на административните процеси

Една од стратешките определби на Фондот за здравствено осигурување е имплементирање на систем за електронско работење, воведување нови електронски услуги и комплетно исфрлање на хартијата  oд секојдневното работење.

ФЗОМ има склучено договори за соработка со 3231 правен субјект, јавни и приватни здравствени институции во Република Македонија.

Фондот воведува новини во електронскиот систем, со кои ќе се унапреди и олесни функционирањето на административните работи во здравствените институции во земјава и воедно ќе се посвети време на осигурениците.

Со новиот електронски софтвер комплетно ќе биде исфрлена хартијата за аминистративните процедури со здравствените установи.

Отсега, менаџерите на здравствени установи или лицата определени од нив ќе можат со електронски потпис, директно од нивните канцеларии, да вршат огромен број на административни процедури за кои досега беше потребно доаѓање во Фондот за здравство и употреба на хартија.

Сите барања, известувања, достава на документи кои се потребни, здравствените установи ќе ги вршат без да го напуштат своето работно место. Ова олеснување е особено важно за приватните здравствени институции кои се надвор од Скопје и не мора да одвојуваат средства за пошта или да патуваат до Скопје за да го информираат Фондот за промените во нивната институција. Заштедата е во време, средства, човечки ресурси.

ФЗОМ има склучено договори за работа со 3231 здравствена установа – правни субјекти, од кои: 1086  по општа медицина, (матични лекари), 971 стоматологија (матични стоматолози), 455 аптеки, 177 специјалистички установи по стоматологија, 144 специјалистички установи по медицина, 128 матични гинеколози, 102 лаборатории , 113 јавни здравствени установи и други. Доколку се сметаат работните единици, т.е. тимови на лекари, тогаш Фондот има склучено над 4000 договори.

Сите овие здравствени установи за 9 месеци, од 1. јануари до 30. септември годинава, направија 3.250 измени на договор поради административни потреби. Тоа значи дека на месечна основа во просек се прават 361 измена на договори.

Постојат 21 тип анекси на договори и известувања кои се предвидени со склучените договори се однесуваат:

  • на промена на кадар, медицинска сестра или вработување на нов лекар наместо постоечкиот поради долготрајно отсуство,
  • статусни промени за седиште на здравствената установа,
  • пријавување на замена на избран лекар.
  • известувања за краткотрајни боледувања, известувања за изгубен украден факсимил/барање за издавање на нов факсимил (печат без кој лекарот не може да работи),
  • известувања за лекари кои работат како рурални и дежурни по градовите во Македонија, промена на факсимили поради ново звање и образование,
  • прераспределба на кадар од една во друга работна единица и сл.

Овластените лица на здравствените установи од денес не мора да доаѓаат со хартии во централната служба на фондот и сето ова ќе можат да го прават на веб порталот на Фондот, електронски од своето работно место.

Здравствената установа која има потреба да извести за определена измена/анекс ќе може преку овластено лице да пристапи на веб порталот на Фондот за здравство, да ги прикачи сите потребни документи, дигитално да ги потпише и во истиот момент тоа барање или известување да стигне до Фондот.

Здравствената установа ќе има преглед врз прогресот на процесирањето на своето барање.

Фондот по обработката на барањето, ќе даде можност истиот да биде потпишан на хартиен начин или дигитално. Во случај да се одбере хартиениот начин, тогаш патот на реализација на барањето ќе си оди на постоечкиот начин кој што е имплементиран во системот. Доколку здравствената установа одбере дигитално потпишување, тогаш Фондот праќа нотификација дека се чека потпишување од страна на здравствената институција и откако барањето е дигитално потпишано од сите овластени лица, истиот се враќа во Фондот на реализација.

Предноста на новиот начин на доставување на барањата, или пак известувањата, согласно склучените договори со здравствените установи, е во тоа што наместо да се чека неколку дена документацијата (било да се работи за бараните документи од ЗУ или пак за документи од Фондот до ЗУ за потпис) да патува на релација здравствена установа – Фонд и обратно, истото се случува електронски и во реално време. Честопати здравствените установи чекајќи ги овие документи да стигнат до нивната крајна дестинација се спречени да ги вршат секојдневните активности односно да им пружаат здравствена заштита на своите пациенти (не можат да издаваат рецепти, упати и сл.)

Придобивки со електронскиот начин на работа имаат сите здравствени институции поради заштеда на време, човечки ресурси и финансиски средства. Дополнителен бенефит е што во секое време имаат увид каков е статусот на нивното барање. Со самото тоа што повеќе нема потреба од патување до Скопје, или пак, праќање на препорачани пратки по пошта, веруваме дека ова ќе биде огромен бенефит за секоја установа.

Придобивки има и Фондот преку заштеда на време, електронски увид на целата документација, немање на потреба од чување на гломазни досиеја за секоја установа поединечно. Можноста за грешка ја елиминираме, а интерно ќе имаме реален увид во барањата доставени до Фондот и начинот и брзината на решавање на истите.

Предвидено е шест месеци од оваа новина да се врши прилагодување на здравствените установи за начинот на работа, и затоа во овој период се овозможува и електронско и хартиено работње, а по овие шест месеци, значи од 1 мај 2016 година, измените ќе се одвиваат само електронски.