Македонија

Нов современ дигитален мамограф во Поликлиниката Букурешт

Нов современ дигитален мамограф во Поликлиниката Букурешт

Поликлиниката „Букурешт“ во Скопје доби нов овремен дигитален мамограф со висока резолуција и одличен квалитет на снимка.

Вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Поликлиниката Букурешт.

Тој истакна дека станува збор за најсовремена технологија и за најсовремен мамограф со најдобри перформанси во однос на сите останати инсталирани во државата досега. Посочи дека со новиот мамограф ќе може да се прават двојно поголем број снимања во таа јавна здравствена установа.

– Ако досега се правеле шест снимања дневно сега ќе се прават најмалку 12, со што ќе се овозможи отворање на поголем број термини и овозможување поголем број жени да се јават на ваков преглед во текот на скринингот. Скринингот за рак на дојка одлично функционира. Има одличен одѕив, дури 98 отсто од оние кои добиле покана дошле на преглед. Најголем е процентот кај онаа популација која е највулнерабилна, жени на возраст од 50 до 55 години, а процентот на одѕив е над 50 отсто, рече Тодоров.

Нов мамограф во Поликлиника Букурешт1

Стариот мамограф, нагласи, е од 1988 година и со поголемо зрачење во однос на новиот мамограф со кој се забрзува прегледот, се подобрува сликата и ќе може да се вршат размена на сликите и да се добива второ мислење и со други центри каде се прават вакви испитувања во земјата и во странство.

– Тоа значи дека докторите ќе можат да се консултираат со нивните колеги од други здравствени установи во Република Македонија и во странство. Ова е еден од петте дополнителни мамографи кои ги набавуваме – покрај во Букурешт и во Гевгелија, Кавадарци, Македонска Каменица и во Радовиш. Целата набавка е во вредност од околу 39 милиони денари, додаде Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Поликлиниката Букурешт веќе 11 години има Кабинет за мамографски услуги, а во овој период се откриени голем број карциноми.

Љупчо Андревски, специјалист по радиодијагностика, истакна дека во време кога се изведува скринингот со кој е опфатена популација на возраст од 50 до 65 години, биле откриени дваесетина случаи со карцином кои се и хируршки и онколошки третирани.

Директорот на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека Кабинетот за мамографски услуги во Поликлиниката Букурешт почнал да работи во 2005 година. Посочи дека на новиот мамограф за само три минути се добива комплетна дијагноза од снимањето.

Потенцира дека од 2013 година до шест месец 2016 година вкупно 5.900 мамографски снимања има во тој Кабинет, а само оваа година се 854 и 242 услуги се во делот на скринингот.

– Во 2016 година во првите шест месеци имаме 1.000 услуги повеќе на секундарно ниво во однос на 2015 година. Во 2015 година сме упатиле 15.300 пациенти на терциерно ниво, а во 2016 година само 14.000. Значи тоа зборува дека отворањето на новите кабинети, набавката на нова современа апаратура, обуките на докторите придонесуваат се повеќе специјалистичката услуга на секундарно ниво да ја доближуваме до граѓаните, додаде Баевска Вучковиќ.