петок, 24 март 2017  |  Вести денес: 0

Нов стрип фестивал во Скопје

Фестивалот ќе започне со голема изложба на македонски стрип автори, како и соодветна музичка програма.

стрип

Последни вести

Во Музејот на град Скопје вечерва со изложба и музичка програма ќе биде отворен новиот фестивал на стрипот Скопје Стрип Фест.

Првиот Скопје Стрип Фест, кој ќе се одржува три дена, ќе обедини повеќе издавачи на стрипови, стрип автори, здруженија, аниматори, гејмери, музичари и многу заинтересирани млади луѓе.

Фестивалот ќе започне со голема изложба на македонски стрип автори, како и соодветна музичка програма. Фестивалот ќе трае до недела, обединувајќи работилници, презентации, предавања, како и забавна програма исполнета со проекции на анимирани филмови и турнири на социјални, забавни и видео игри.

На групната изложба на првиот Стрип фестивал ќе бидат презентирани стрип табли и илустрации на повеќе претставници на македонската стрип уметност како Александар Сотировски, Тони Анастасовски, Смиле Цветановски, Иванчо Николов, Михајло Димитриевски, Игор Јовчевски, Никола Темков, Здравко Гиров, Давор Драмиќанин, Јован Секуловски, Весна Ничевска – Саравинова, Дарко Богданов, Антонио Арангеловиќ, Филип Алексовски. Свое претставување ќе имаат и доајени на стрип уметноста како на Диме Иванов – Димано, но и помлади стрип автори, како Дамјан Михаилов, Дарко Ристевски, Тања Вукобрат, Александар Стеванов, Андреј Манев, Јована Велинова, Бошко Дуковски.

На стрип фестивалот свои претставувања и содржини ќе имаат повеќе издавачки куќи од главниот град, како „Стрип Квадрат“ и „Комик Бру“, здружението „Макстрипови“, стрип книжарницата Бункер, како и издавачката куќа од Велика Британиија „Клауд 9“.

Во рамките на програмата презентации ќе имаат и Душко Кралевски, новинар и публицист, и доајенот на македонскиот стрип Диме Иванов – Димано, а ќе биде одржана и пригодна реч за неодамна починатиот доајен на стрипот, карикатурата и анимацијата, Дарко Марковиќ. Работилници за стрип за деца ќе држат авторите Никола Темков и Игор Јовчевски, а ќе бидат презентирани и применети проекти, како играта „Каверн Таверн“ илустрирана од Михајло Димитриевски и македонскиот 2Д долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, на кој музиката ќе ја прави оскаровецот Лудовик Бурс.

Фестивалот ќе заврши со програма посветена на социјалните и забавни игри. При тоа, во недела ќе се одржи и турнирот во светски познатата игра – „Magic The Gathering“, во организација на Гоблин, како и презентациите на Милан Тасевски, авторот на играта „Small Star Empires“ и Никола Темков, илустратор на англиската игра „Conflicting Kingdoms“.

Најчитани вести