Нов Управен одбор на ЕВН Македонија

Штефан Петер е нов претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, а Харалд Дамерер е назначен за негов заменик.

Тие на овие позиции доаѓаат по истекот на договорите со претходниот менаџмент на компанијата Вернер Хенгст и Волфганг Шефер.

ЕВН Македонија денеска информира дека како трет член на Управниот одбор и понатаму останува Игор Гиевски, кој на оваа позиција е назначен од септември 2010 година.

Штефан Петер има завршено студии за менаџмент со технички проекти и процеси, а на Универзитетот во Виена и Универзитетот за бизнис и економија во Минесота завршил МБА студии. Својата кариера во ЕВН ја започнал во 2001 година во одделот за набавки. По двегодишно раководење на одделот за набавки на ЕВН Бугарија, е назначен за менаџер на одделот за набавки во ЕВН АГ, а во 2010 станува прокурист на ЕВН АГ. Во септември 2012 дополнително е назначен за директор на Кабелплус, телекомуникациска компанија на ЕВН Групацијата.

Харалд Дамерер има дипломирано на техничка школа за технички инженеринг, а во 2012 има завршено и МБА студии. Вработен е во ЕВН во 1989 и има дипломи за инженеринг во електротехника и гас/вода. Има управувано со повеќе кориснички енерго центри во Австрија, а бил и ментор при воспоставувањето на КЕЦ структурата на ЕВН Бугарија.