Нова американска инвестиција ќе отвори 1.000 работни места за кичевчани

Водечка компанија за сигурносни производи „Ки сејфти системс“ ќе инвестира во Кичево,  со што би се отвориле околу 1.000 слободни работни места, објави премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

„Ки сејфти системс“  е водечки глобален снабдувач на софистицирани сигурносни производи, вклучувајќи механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси за автомобилски и неавтомобилски намени.

Компанијата планира да почне со работа при крајот на годинава, во веќе постоечки објект.

„Во почетната фаза на инвестицијата ќе се произведуваат воздушни перничиња и ќе се отворат 800 до 1000 нови работни места. Локацијата е соодветна за да овозможи идно значително проширување на оваа производствена линија, како и на други производи и услуги во иднина. Планот за инвестиција на КСС во Кичево е во согласност со нашата посветеност да ги снабдуваме нашите клиенти низ целиот свет, преку обезбедување на производи со најдобар квалитет, цена и технологија“, вели Џим Скарпа, заменик претседател на КСС за глобални операции.

„Ки сејфти системс“  е светски лидер во дизајн, развој и производство на автомобилски сигурносни-критични компоненти и системи, вклучувајќи механизми за надувување, воздушни перничиња, волани и сигурносни појаси.  Производите на КСС се дел од повеќе од 300 модели на автомобили произведени од повеќе од 60 високо-диверзифицирани клиенти низ целиот свет.

КСС е со седиште во Mичиген, САД, со меѓународна мрежа од 29 продажни, проектантски и производствени капацитети кои вработуваат приближно 9.000 луѓе низ целиот свет. Компанијата има пет главни технички центри лоцирани во САД, Германија, Кина, Јапонија и Јужна Кореа.