Нова американска инвестиција во Гостивар

Корпорацијата Леар, со седиште во Саутфилд, Мичиген, водечки глобален добавувач на делови од автомобилската индустрија, денес најави дека планира да отвори нова фабрика во Гостивар, Македонија во текот на летото 2016- та година, пренесуваат светските медиуми.

Леар доставува делови за сите поголеми европски производители на автомобили, а се планира во новата фабрика почетно да се вработат околу 300 луѓе, а понатаму се очекува фабриката да се проширува.

– Со продолжениот успех на Леар во вертикално интегрираните автомобилски системи за седење и компоненти со задоволство ќе ги отпочнеме операциите во Македонија и планираме да ја изградиме фабриката до средината на 2016-та. Ја цениме соработката со сите вклучени во процесот на отпочнување со работа на првата фабрика на Леар во Македонија, изјави Џенеан Ханли, потпретседател во компанијата.

Корпорацијата Леар е најголемиот добавувач во светот со луксузна кожена автомобилска галантерија, како и со системи за електрика. Леар добавува делови до сите големи автомобилски производители во светот и нивните делови може да се најдат во повеќе од 300 модели на автомобили.

Корпорацијата Леар во моментов има околу 132.000 вработени во 34 земји.