Нова барокна зграда за општина Гази Баба

Старите бараки во кои е сместена општината Гази Баба, конечно години ќе се уриваат, а новиот дом на администрацијата ќе се гради на местото на ресторанот „Галеб“. Изградбата на објектот ќе се реализира преку јавно приватно партнерство, а инвеститорот ќе добие можност на ова локација да изгради зграда на 15 ката, но, ќе има обврска до неа да изгради уште една петкатница во која ќе биде сместена администрацијата на локалната власт.
Новата административна зграда, според договорот за јавно приватно партнерство, инвеститорот ќе ја изгради без надомест, бидејќи локацијата на која се наоѓа ресторанот „Галеб“ е во сопственост на општината.

Автор на идејното решение за новата општинска зграда, изведено во неокласичен стил,  е фирмата „Архитектоника ДООЕЛ Скопје“.

„По изработката на основниот проект, општината ќе распише тендерска документација за електронско јавно наддавење на градежно неизградено земјиште, во вкупна површина на градежна парцела од 6.780 м2, сопственост на Република Македонија, со почетна цена од 2.340 денари м2 или вкупно почетна цена од 15.865.200 денари. Градот Скопје во 2012 година веќе има донесено одлука за ослободување на 40 отсто од неговиот дел (60 отсто) од надоместот за уредување на градежно земјиште, а општина Гази Баба, исто така, во 2013 година донесе одлука за ослободување на 100 отсто од нејзиниот дел од надоместот за уредување на градежно земјиште (40 отсто). Надоместот за уредување на градежното земјиште изнесува 145 евра м2 од нето развиената површина за градба“, посочуваат од општината.

Оттаму велат дела има заинтересирани приватни инвеститори.