Нова давачка за влез во Грција – подгответе пари ако патувате таму

grcija

Тешката финансиска ситуација во која се наоѓа Грција ги натера властите во оваа земја да смислат нов начин за полнење со пари на буџетот на државата.

Најновата мерка, која грчките власти планираат да им ја презентираат на меѓународните кредитори, се очекува да донесе финансиски придонес во државната каса од околу 15 милиони евра.

Според медиумите во Грција, сите странски автомобили кои ќе влегуваат во Грција, ќе плаќаат транзитна такса.

Секое возило со странски регистарски ознаки кое ќе влезе во Грција ќе добие налепница со чип за која ќе плаќа.

Засега нема информација од кога точно оваа мерка ќе стаи во сила и ќе почне да се применува.

Грција на 20 јули, годинава, треба да исплати долг во висина од 2,2 милијарди евра на Европската централна банка. Ако тоа не се случи, на властите во Атина им се заканува банкрот и излез на земјата од еврозоната.

Како дел од новите мерки, планирано е и виведување на специјален данок за хотелите, но и за сите останати капацитети за сместување. Хотелите со три ѕвезди ќе плаќаат специјална такса од три евра за ноќевање, хотелите со четири ѕвезди – четири евра за ноќевање, а хотелите со пет ѕвезди пет евра за едно ноќевање. Очекувањата се дека од овие мерки ќе има дополнителни приходи за државата во висина од 400 милиони евра.

Исто така, се планира и зголемување на акцизата на горивото, што ќе доведе до нивно поскапување, како и зголемувањето на стапката на ДДВ, која сега изнесува 25 отсто и е една од највисоките во Европската унија.

Строгите мерки за даночниот режим и за економијата во Грција, диктирани од кредиторите, веќе нанесоа тежок удар на малите и средни претпријатија во земјата, кои инаку се носечкиот столб на грчката економија. Најмалку 200.000 компании биле затворени од избувнувањето на кризата во земјата во 2010 година, до денеска.