Нова епидемија на смртоносниот вирус Нипа

Лекарите се во состојба на зголемена будност поради епидемија предизвикана од смртоносниот вирус Нипа, за кој нема вакцина ниту лек. Здравствените работници од Индија од средата проверуваат дали вирусот, чија епидемија избувна во државата Керала и досега однела најмалку 11 животи, се шири во соседната држава Карнатака. Четриесет лица кои биле во контакт со починатите од вирусот се ставени во карантин, објавија властите во Керала.

Локалните медиуми пишуваат за страв кај населението и истакнуваат дека една од жртвите е 30 годишната медицинска сестра, која им помагала на инфицираните, а тоа е знак за потенцијална пандемија. Познато е дека заразните болести од кои заболува и медицински персонал се многу тешки за контрола.

Стапката на морталитет кај овие вируси е многу висока. Според Светската здравствена организација, истиот е  75 проценти. Со оглед на тоа што досега не постои лек или вакцина против овој вирус, единствен третман е на интензивна нега на болните. Поради тоа властите во Керала моментално се во состојба на зголемена подготвеност и се градат медицински кампови за контрола и спречување на ширењето на вирусот.

Вирус  нипа е една од новите болести. Името доаѓа од селото Сунгаи Нипа во Малезија, каде што за прв пат е идентификуван во 1998 година, кога во епидемија загинаа 105 од 265 заболени лица.

Вирусот најчесто го пренесуваат лилјаци кои се хранат со овошје и на тој начин го пренесуваат до животните и луѓето. Во 1998 година, епидемијата првпат се појавила меѓу свињите, а од нив се пренела и на луѓето. Со цел да се спречи ширењето на епидемијата, властите усмртија повеќе од еден милион свињи. Научниците откриле дека вирусот се пренесува директно преку контакт со заразени лица и со домашни животни, како што се говеда и свињи. Но вирусот, исто така, може да се пренесе преку заразени плодови.

Во 2004 година, во Бангладеш избувна епидемија кога луѓето пиеле сок од палмини дрва со еден вид урма, каде подоцна биле пронајдени траги од плунка и урина на лилјаците. Се верува дека неодамнешната епидемија е поврзана со угинатите лилјаци пронајдени во бунар на семејна куќа. Инфекцијата се проширила меѓу членовите на семејството и се пренесувала на луѓе кои биле во контакт со нив.

Нипа е класифицирана во четвртата, највисока категорија на биолошка опасност, што значи дека се изучува во специјални лаборатории со најголеми можни мерки на претпазливост. Иако сè уште не е утврдено дали некоја земја го развила како биолошко оружје, високата стапка на смртност на вирусот го прави нипа потенцијално оружје за масовно уништување.

Инфекцијата со вирусот може да предизвика енцефалитис, односно многу тешко воспаление на мозокот. Периодот на инкубација трае помеѓу пет дена и две недели, а првите знаци на болест се појавуваат три до 14 дена потоа. Првите симптоми се треска, повраќање и тешка главоболка, а кај некои пациенти и акутен респираторен синдром. Оваа болест е проследена со дезориентација, општа болест и ментална конфузија. За само еден или два дена од болеста, вВо поедини случаи болеста за само еден или два дена може да заврши со кома и смрт.