ТОП,Македонија

Нова германска инвестиција во тетовско и нов рудник за јаглен

Нова германска инвестиција во тетовско и нов рудник за јаглен
Германска компанија одлучи да инвестира во земјава. Компанијата би требало да биде стационирана во село Желино, тетовско, да се занимава со производство на седишта и да биде добавувач на белгиски Ван Хул кој произведува автобуси. Планира да отвори нови 100 работни места. Инвестицијата ја најави Никола Груевски во интервју за ТВ Нова.
Груевски потенцира дека интензивно се водат преговори и со други странски компании, но дека нивните имиња ќе бидат објавени кога тие и официјално ќе донесат конечна одлука за вложување. Плановите се да се отвори и нов рудник за јаглен и централа за производство на струја од 200 мегавати, на потегот помеѓу Делчево и Пехчево. Истражувањата кои се при крај покажале дека таму има капацитет за експлоатација на висококалоричен јаглен во наредните 30 години. Проценките се дека таму би можеле да работат околу 1000 луѓе. Според Груевски, овие вработувања се многу важни бидејќи би можеле да се случат во регион каде што има многу неангажирана работна сила. Градбата на рудникот и централата предвидено е да почне во 2019 година.
„200 кв е 1/3 од РЕК Битола. Тоа ќе значи многу, но ќе значи и за луѓето ќе отвори ќе вработи околу 1000 луѓе индиректно и директно. Физибилити студијата ќе биде готова во април. Но во 2019 ќе почне градбата на рудникот па централата, инвестицијата ќе биде од 200 милиони евра и тоа во дел на Македонија каде има многу невработени и ќе значи енергетско зајакнување на капацитетите на Македонија“
Странските инвестиции лани биле на задоволителното ниво. Според Народната Банка за 11 месеци минатата година во Македонија влегле 213 милиони евра во вид на вложувања од странство. Најмногу инвестирале компании од Германија, Турција и Италија.