Нова година со џангл ѕвончиња и санкање на грамофони

Овој вторник, за новогодишната ноќ во Капан Ан, (Стара скопска чаршија), ќе гостува еден од најбараните драменбејс диџеи од Југоисточна Европа – белграѓанецот Радан Ѓорѓевиќ – Rahmanee.
Приказната на DJ Rahmanee започнува во 1999. година, кога започнува да настапува по белградските клубови, а по пет години интензивна работа на сцената, стекнува и регионална репутација.

Денес се наоѓа во самиот врв на андерграунд сцената на нашиот северен сосед и редовно настапува во сите релевантни клубови низ Србија. “Виновен” е за најпопуларните клабинг вечери во Белград, наречени “All That Bass”, кои ги реализира заедно со колегите MC Rasheed, Side1 и Necone.

Подеднакво успешен како диџеј и продуцент, Rahmanee е исклучителен професионалец, но и голем шоумен – со својот позитивен дух и шармантен пристап привлекува многу приврзаници и култивира квалитетни колаборации со други артисти. Имено, не постои земја во регионов каде Rahmanee нема соработник во своето уметничко творештво. Последно во низата на меѓународни соработки е изданието “Sort Dem Out”, реализирано заедно со хрватската драменбејс атракција Филип Мотовунски. Секако, не треба да се заборават ни веќе етаблираните хитови “Идемо Одма” од хип-хоп махерите Bad Copy и ремиксот на “Буѓав Лебац” од групата С.А.Р.С. Творештвото го заокружуваат соло-сингловите ” Bun di Chalice “, “Ударац” и ” Boogaloo”.

Албумите на Rahmanee можат да се најдат во портфолиото на дискографските куќи: BPM Records, Mir Records и JungleXpeditions.

Rahmanee е докажан диџеј со повеќе од 500 настапи позади себе, како во матичната земја, така и во Унгарија, Германија и ширум регионов.

Во неколку наврати се претставува и на EXIT фестивалот. Микс пултот го има делено со величини како што се: DJ Hype, LTJ Bukem, DJ Marky, Grooverider, EZ Rollers, Bad Company, Drumsound, Pendulum, Shy FX, Benny Page, Goldie, Roni Size …

Rahmanee на своите перформанси комбинира различни стилови на драменбејс и џангл жанрот, што ги чини неговите сетови исклучително динамични и весели – добитна комбинација за разигрување на публиката. Заштитен знак на неговите настапи се преполни подиуми и насмеани лица на клаберите и клаберките.

Rahmanee има до сега неколку пати гостувано во Скопје. Секој пат приреди одлично доживување и беше испратен со аплаузи, така да ни претстои иделна увертира во првите часови од новата година.

Во вторник, во Капан Ан, DJ Rahmanee ке биде засилен од комплетната македонска драменбејс диџеј елита: Дарко Степиќ, HyperTech, Jungle Allies, Nerses Malakjan и Don Jole.

Дочекот на Новата година започнува во 22:30, а влезот чини 250 денари.

Гостувањето на DJ Rahmanee се реализира благодарение на MJM – Macedonian Junglist Movement и ја заокружува годината исполнета со врвна бас музика, сервирана секоја сабота во клубот Капан Ан во Старата скопска чаршија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.