Нова инвестиција од 250 милиони евра и 250 вработувања во рудник кај Казандол

Вкупна инвестиција од 250 милиони евра за четири години и 250 нови вработувања само во првата фаза предвидува договорот за концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол што денеска го потпишаа министерот за економија Беким Незири и менаџерите на компанијата САРДИЧ МЦ ДООЕЛ – Скопје.

Согласно договорот, најпрво ќе се гради фабрика за катоден бакар со капацитет од 4.000 тони годишно, а геолошките истражувања продолжуваат на уште два локалитета каде се планира изградба и на објекти за финални производи.

„Со денешниов Договор за отварање на рудникот и изградба на фабриката за електролиза, која е планирано да почне со производство до крајот на оваа година, ќе се реализира инвестиција од дополнителни 25 милиони евра. Со рудникот и фабриката ќе бидат отворени за почеток околу 250 нови работни места, главно на луѓе од тој регион, а ќе бидат ангажирани фирми од регионот како  подизведувачи и деловни партнери. Дополнително, за потребите на комплексот ќе се подобри и локалната инфраструктура во делот на патиштата и енергоснабдувањето“, рече министерот Незири, додавајќи дека планираниот капацитет на производство е над 4.000 тони бакар годишно во период од 12 до 15 години, значи дека по разни основи во буџетот на Република Македонија и на општинско ниво ќе се влеваат над 2 милиони евра годишно.

Извршниот директор на Сардич МЦ, Генадиј Сичов истакна дека овој Договор е одговор на барањето на Друштвото САРДИЧ МЦ за доделување концесија за експлоатација од ноември 2014 година, како резултат на добиените позитивни резултати од деталните геолошки истражувања на компанијата кои започнаа во мај 2014, врз основа на Договорот за концесии за детални геолошки истражувања за три потенцијални наоѓалишта, и тоа Казандол, Плавуш и Петрошница, а согласно одлуката за најповолен понудувач по електронското наддавање на тендерот распишан во јануари 2014 година.

„За истражување, компанијата Сардич МЦ, која претставува англиско-украински капитал,  минатата година инвестираше околу 5 милиони евра, а на име концесиски надоместок за овие 3 локации беа уплатени средства во износ од 7.144.000 денари, од кои 78% се приход на општината каде се врши концесиската дејност, а 22% – приход на Буџетот на Република Македонија. Во цел овој процес посебно би сакал да се заблагодарам до сите релевантни институции за одличната соработка, кои во најбрз можен рок ја завршија законски пропишаната рпцедура за доделување на концесијата, а посебно на Министерството за економија“, истакна Сичов.

Компанијата Сардич МЦ промовира нов начин на вадење руда, со напредна технологија, што овозможува максимална заштита на животната средина, објасни директорот на „Сардич МЦ“, Бошко Сибиновски. „Технологијата на извлекување е специфична и се одвива во затворен циклус на извлекување и преработка по пат на електролиза, без испуштање на никакви гасови, течности или тврди отпадоци во околината. За таа цел, од врвни македонски и меѓународни експерти е изработена целокупната документација за добивање на интегрирана еколошка дозвола, која ги исполнува најстрогите европски пропишани параметри“, потенцираше Сибиновски.

Од инвестициски аспект, пак,овој концесионер планира  отварање на нови копови, но и рудници во Петрошница и Плавуш, како и изградба на фабрика за добивање на финални бакарни производи, со што во наредните четири години би се заокружила планираната инвестиција од 250 милиони евра.