понеделник, 26 декември 2016  |  Вести денес: 42

Нова инвестиција во Македонија – Француски ФАМЕС ќе гради музички продукциски центар

Инвестицијата се проценува на 1,5 милиони евра со кои ќе се изгради современо студио за снимање на филмска музика, како што ретко се наоѓа во овој регион на Балканот.

fames-1

Поврзани вести

Нова гринфилд инвестиција во Македонија. Француски ФАМЕС ќе гради музички продукциски центар. Новата библиотека, театар и новиот културен дом во општина Гази Баба ќе функционираат во најсовремен и модерен културен објект.

Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски и Oде Насеу Маупас и Лорент Копиц од компанијата „Macedonian Music and Entertainment“ потпишаа Договор за изградба на Културен центар и Mузичко студио за продукција на филмска музика.

Со тоа, општина Гази Баба решава едно долгорочно прашање на еден навистина интересен и уникатен начин и со еден корисен, урбан објект. Овој објект освен што ќе ја краси самата општина, ќе биде и од особено функционално значење за културните потреби на жителите на Гази Баба. Покрај ваквите придобивки, овој проект предвидува изградба на најсовремено музичко студио на француската компанија со голем бек-раунд во својата дејност која е главниот инвеститор во овој проект. Инвестицијата се проценува на 1,5 милиони евра со кои ќе се изгради современо студио за снимање на филмска музика, како што ретко се наоѓа во овој регион на Балканот, рече премиерот Груевски кој присуствуваше на настанот.

fames-2

Според него, соработката дополнително ќе се продлабочи, ќе се интензивира и ќе овозможи подолгорочен ангажман на повеќе од 100 македонски уметници.

На тој начин овој проект ќе биде од особено значење за македонските музичари и развој на македонската музичка продукција. Проектот воедно е во целосна корелација и со напорите на Владата за развој на филмската дејност во Македонија и интензивирање на филмските проекти од секаков аспект. Токму благодарение на таквата интенција во изминатиот период евидентно е зголемен обемот на филмска продукција во Македонија, како од домашни, така и од странски филмски компании, потенцира Груевски.

Според договорот на градежната парцела е планирано да се изградат два објекта, едниот културен дом во сопственост на општината со површина од 543м2 и вториот музичко студио со површина од 1194м2.

Градоначалникот на општина Гази Баба изјави дека со изградбата на културниот дом ќе се добие простор каде ќе се одржуваат разни манифестации, театарски претстави, изложби, поетски читања и слично и додаде дека со изградбата ќе се мотивираат жителите на општината повеќе да творат во областа на културата.

Претставниците на Фамес посочија дека пред осум години го започнале создавањето на симфонискиот оркестар во Македонија кој е наменет за создавање на музички проекти во Скопје.

Нашиот проект претставува културен, но и економски проект кој вклучува стотина музичари од Македонија. Имавме привилегија да работиме на повеќе од 800 музички проекти наменети за филмска музика, телевизија, видео игри, класична музика рече Копиц, нагласувајќи дека соработувале со продукциските куќи Универзал  мјузик, Дизни, Сони, рече Лорент Копиц.

Потенцира дека оркестарот Фамес во Скопје се вика француски, а насекаде во светот е познат како Симфонискиот оркестар од Македонија.

fames-3

Министерот за привлекување странски инвестиции Павлевски посочи дека реализацијата на гринфилд  инвестицијата на Фамес во Гази Баба покажува дека странските инвеститори не доаѓаат во земјава само поради поволниот даночен систем и конкуретните цени на пазарот на трудот, туку и поради човечкиот потенцијал.

Во изминатиот период како резултат на владините политики за привлекување на странски инвестиции привлековме голем број на производствени компании особено од автомобилската индустрија. Денеска промовираме инвестициски проект на француска компанија која е активна во доменот на снимање на оркестарска музика за светската филмска продукција и други видови продукции, рече Павлески.

Очекува компании од слична дејност да покажат интерес за Македонија и земјава во блиска иднина да стане центар за продукција и пост продукција на филмска музика и на филмови.

Министерката за култура Канческа Милевска посочи дека оваа продуцентска куќа речиси една деценија од Македонија ја гради својата интернационална кариера како музички продуцент на огромен број светски филмски остварувања.

Во оркестарот Фаимс членуваат истакнати уметници од наши оркестри, од Македонската филхармонија и Македонската опера и балет кои досега снимија над 800 интернационални проекти и филмови во кои главните улоги ги толкуваат големите холивудски ѕвезди, македонски филмови, музика за телевизиски серии и документарни филмови. За изведбата на музиката  на филмот „Хемингвеј и Гелхорн“ оркестарот „Фамес“ и нашите музичари се добитници на престижната награда „ЕМИ“ за најдобра музика на филм за 2012 година, истакна министерката за култура.

Француската амбасадорка Оер, истакна дека оваа инвестиција е во сектор кој, како што истакна, е сектор на иднината што ќе го носи далеку гласот за Македонија. Тоа во истовреме, сметаа Оер, е можност и за македонските музичари кои се исклучително квалитетни да  работат на големи музички остварувања.

Најчитани вести