Нова кампања „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“

Носење на појас за возачите на автомобили и кациги за моторциклистите и велосипедистите, соодветно прилагудување на брзината на возење, некористење на мобилен телефон додека се вози, како и возење во моменти само кога човекот е одморен се правилата кои треба да се почитуваат за да се намалат сообраќајните случаи кои зад себе оставаат фалани последици.

Новата кампања на Владата за поддигање на јавната свест кај населението е под мотото„Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ започнува да се реализира од денеска.

Премиерот Никола Груевски, ги нагласи главните причини поради кои настануваат сообраќанијте незгоди кои најчесто завршуваат со фатални последици по животот. Меѓу причинителите ги наброја неносењето на појас или кацига, неприлагодената брзина, зборувањето на мобилен телефон, како и заморот.

„Во текот на 2013 година во Република Македонија имаше 198 жртви од сообраќајни несреќи, што се 9 лица на 100 илјади жители. Целта на кампањата која се одвива по мотото „Почитувај ги правилата, Почитувај го животот! Вози безбедно, Вози со појас!“ е да се подигне јавната свест за безбедност во сообраќајот на патиштата. Најчеста возраст на која не се почитуваат сообраќајните правила се лицата од 17 до 34 години, и токму тие се оние кои најчесто се причинители или повредени во сообраќајни несреќи“, рече премиерот Груевски.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, истакна дека во текот на 2013 година 6.500 лица учествувале во сообраќајни несреќи, од кои за 4.236 лица несреќата им оставила длабока траума, им одзела живот, им причинила инвалидитет.

МИнистерот за здравство, Никола Тодоров, пак, додаде дека ресорното министерство заедно со Светската здравствена организација редовно изведуваат стимулациски вежби за тимовите на итната помош да можат брзо и ефикасно да делуваат при случувањето на сообраќајни несреќи со голем број на жртви. Тодоров потсети дека последен пат ваквиот вид на вежба беше изведен во мај годинава кога се симулираше сообраќајна несреќа на автобус и автомобил.

Кампањата ќе чини 500 илјади евра без пресметано ДДВ. На неа работеле тимови од „Република“ и „Њу момент“. Кампањата ќе биде спроведена преку тв спотови, радио спотови, реклами во електронските, пишаните и интернет медиумите, билборди, флаери, а во неа ќе бидат вклучени и личности од јавниот живот меѓу кои и пејачи, актери, спортисти…