Нова подводна експедиција во пештерата Ѓоновица

Нова подводна експедиција во пештерата Ѓоновица
Нова подводна експедиција во пештерата Ѓоновица

 

Македонските нуркачи предводени од спелеo- нуркачкиот клуб „Врело“ денеска ја почнуваат експедицијата во пештерата Ѓоновица, Гостиварско. Најдобрите спелеонуркачи и спелеолози од земјава во следните пет дена ќе ги покажат своите способности во истражување на внатрешноста на една од најубавите пештери во Македонија.

Во следните денови спелеонуркачите ќе имаат можност да ја истражуваат оваа подводна пештера која не е толку позната на пошироката јавност и досега не е истражувана ниту од домашни ниту од странски нуркачи. Ова беше доволен мотив домашните спелеонуркачи во неколку дена, со оваа експедиција да почнат да ги откриваат нејзините подземни пространства- вели Киро Анѓелески, претседател на „Врело“ и додава дека нуркачите ќе ги скицираат сите подземни премини и канали во оваа ретка природна убавина.

Освен нуркачите, во истражувањето се вклучени и научници од повеќе области кои треба детално да ги испитаат дадените примероци од вода, седименти и животински свет од пештерата. Како дел од експедицијата се и врвни фотографи и сниматели со цел во меѓународната јавност да се пласираат пронајдените информации од убавините кои ги крие оваа пештера.

Оваа експедиција се разликува од останатите кои сме ги предводеле по тоа што е проверка на способностите на спелеолозите и спелеонуркачите во фаза на формирање на спасувачки тимови за интервенции во евентуални несреќи од различен карактер како во пештера (сува или подводна), во урбана средина и во сите отворени водени површини- завршува Анѓелески.

Повеќе информации и сознанија за пештерата и растителниот и животински свет, како и за почвата во нејзината внатрешност, се очекуваат во наредните неколку денови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.