Нова попрегледна фактура за електрична енергија

ЕВН Македонија ги дистрибуираше новите фактури за потрошена електрична енергија на корисниците од првата отчитувачка група.

Новите фактури, како што информираат од ЕВН, имаат нов поедноставен изглед, содржат повеќе инфомации и се поконцизни. До крајот на месец јануари сите корисници во Македонија ќе добијат нови попрегледни фактури за електрична енергија.

nova-faktura-evn-1

Во фактурите кои корисниците во иднина ќе ги добиваат наведени се: податоци за корисникот и фактурата, адреса за коресподенција, износот на испорачаната електрична енергија, комуналната такса, евентуалните камати поради задоцнето плаќање, рокот за плаќање на фактурите, износот на заостанатиот долг, детални податоци за старите и новите состојби и други  дополнителни информации.

Заедно со новите фактури, корисниците ќе добијат и детално објаснување за нивната содржина.

Целта на новите фактури не е само да овозможиме поедноставен и попрегледен увид во испорачаната електрична енергија на корисниците. Во рамки на фактурата ќе биде достапен и податок за просечната дневна потрошувачка на корисникот во киловат-часови и во денари. Дополнително, корисниците ќе имаат на располагање и примери за просечната потрошувачка на апаратите за домаќинство. Овие информации може да се искористат како одличен индикатор за пресметување на потенцијалот за заштеда  на електрична енергија во домот. На фактурите исто така, транспарентно ќе биде претставена и распределбата на трошоците помеѓу сите учесници на пазарот, што секој краен корисник ги плаќа преку својата сметка. Со промените во дизајнот и квалитетот на информациите во фактурите за електрична енергија се надеваме дека корисниците ќе можат полесно да ја планираат својата потрошувачка на електрична енергија, велат од ЕВН.