Нова програма на ВМРО-ДПМНЕ за 2014-2018 со 2046 нови проекти, најдобрата програма воопшто објавена досега

Премиерот Никола Груевски вчера најави дека ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори ќе понудат и ќе излезат со најдобрата програма досега. Програмата содржи нови 2046 проекти и креирање на 64.000 работни места.

Новата програма ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе ја промовира вечерва во Скопје на централниот митинг кој ќе се одржи на плоштадот Македонија со почеток во 20 часот.

„Драги пријатели, не делат уште 24 часа кога утревечер на скопскиот плоштад ќе ја промовираме новата програма за наредните 4 години. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Само уште 24 часа и народот ќе може да види какви сериозни и крупни проекти се планираат за наредните 4 години. Нови 2046 проекти во програмата ќе можете да ги видите од утре па натаму. Од утре ќе почнеме да разговараме со конкретни работи, со конкретни дела. Тука е нашата сила. Тука е нашата моќ,“ рече Груевски на синоќешниот митинг одржан во Куманово.

Тој истакна дека со СДСМ се разликуваат во најмалку 2 работи- дадениот збор и квалитетот на програмата за развој на Македонија.

„Тешко се стекнува доверба, а лесно се губи. Затоа програмата ја подготвувавме многу внимателно. Со пресметки, многу собрани луѓе, експерти. Собиравме многу идеи од сите страни, од граѓани, од експерти од Македонија и странство. По многу анализи ја составивме таа програма со 2046 проекти за граѓаните на Република Македонија. Ние знаеме дека најголем проблем во Македонија е економијата и невработеноста. На тоа сме најмногу насочени и до сега и ќе останеме најмногу фокусирани во идниот период,“ рече Груевски.

Тој оваа програма ја најави како најдобра и најквалитетна програма промовирана било кога досега во Македонија. Рече, СДСМ никогаш немале програма, па мора да се споредуваме со нашите.