Нова програма за развој на фудбалот

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски одржа работен состанок со високите гости од УЕФА, Жан Франсоа Домерк, одговорен на одделот за фудбал на УЕФА и Јан Лупеску, секретар на одделот на УЕФА на кои беа анализирани потребите на ФФМ во поглед на новата програма на УЕФА за развој на фудбалот. Претходно, гостите од УЕФА заедно со координаторот на нашите национални селекции, Зоран Стратев и младинските тренери го следеа тренингот на академијата на ФФМ на кои беа презентирани новите фудбалски правила кои веќе се применуваат во натпреварите од младинските конкуренции.

-. Позитивно сме изненадени од вашата грижа за најмладите, за фудбалската академија, за детската лига, ги слушнавме идните планови за зголемување на бројот на паралелки за фудбалска академија, сето тоа е дел од вредностите на УЕФА и среќни сме што ФФМ ги прифаќа. Целта на овие проекти е тактички, технички и физички да бидеме многу посилни по нивното завршување. Овие проекти имаат цел да помогнат преку методологијата на работа која сметаме дека носи позитивни резултати и да им наметнат самодоверба на тренерите и играчите за идните големи работи кои им следуваат, изјави Јан Лупески.

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски ја потенцираше важноста која ФФМ им ја дава на младите, но напомена дека ни е потребна поддршка од УЕФА во однос на едукацијата на тренерите кои работат со младите фудбалери.

„ФФМ ги прифаќа принципите на УЕФА, а основниот е „Фудбалот на прво место“. За нас е многу значајно што УЕФА ја препознава нашата желба да го направиме многу подобар „фудбалскиот живот“ на младите. Со посветеност и системска работа „Фудбалската академија“ веќе ги вреднува резултатите од својата студиска програма, но наша задача е постојано да ги развиваме, унапредуваме и преиспитуваме содржините на програмата за работа на академијата. Рековме дека нашата визија е да ја претставиме Академијата како водечка институција од тој вид во Македонија, основана по примерот на многу европски школи, со единствена желба своите ученици да ги подготви за времето кое доаѓа, како школа за иднина, изјави Ѓорѓиоски.

На состанокот во „Куќата на фудбалот“, високите гости од УЕФА ја презентираа програмата пред селекторите во младинските национални селекциии и тренерите од фудбалската академија.