Нова ротација на словачки полицајци во Македонија

полицајци
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Петтата ротација на 25-те припадници на словачката полиција е врз основа на Меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за внатрешни работи на Република Словачка и Република Македонија.

Словачките полицајци, како што се наведува во соопштението од Амбасадата на Словачка, ќе спроведуваат заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, со цел превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица ќе биде повторно распоредена во областа на Дојранското езеро.

Полицајците ќе бидат соодветно опремени – со теренски моторни возила, термални камери и уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полициска мисија ќе биде 30 дена со можност за продолжување.

Република Словачка досега испрати вкупно 125 полициски службеници во Македонија што е најголем допринес по глава на жител од осумте странски држави кои учествуваат во заедничките операции во Република Македонија. Покрај досега испратените 125 полицајци на македонско – грчката граница, дополнителни 15 словачки полицајци моментално се распоредени на македонско – српската граница.

Помошта е израз на солидарност во решавањето на мигрантската криза и во контекстот на актуелното словачкото претседателство во Советот на ЕУ, каде еден од приоритетите е “одржлива мигрантска и азилска политика”.