Нова рунда преговори за името в четврток

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција во четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, која ќе се одржи во Њујорк, откако викендов премиерот Зоран Заев по лидерската средба го обелодени предлогот за кој било разговарано на преговорите во Софија, Република Илинденска Македонија.

Средбата е од исклучителна важност, многумина ја сметаат како клучна, со оглед на тоа дека по обновените преговорите за 25-годишниот спор, премиерите на двете земји за време на втората тет-а-тет средба прв пат дошле до некое решение кое би можело да биде прифатливо за двете страни.

Заев лидерка Илинден

Но сепак кусо откако Заев го кажа и образложи предлогот, кабинетот на Ципрас излезе со став дека грчката страна бара временска или географска одредница.

Македонската Влада вчера излезе со став дека Република Илинденска Македонија всушност ги исполнува условите за временска одредница, иако многумина велат дека „илинденска“ е всушност историска одредница, во која дел од опозициските партии во Грција пронајдоа иредентизам.

– Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина, се вели во соопштението на македонската Влада.

– Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година, се додава во соопштението на Владата.