Нова рунда разговори меѓу македонското и грчкото МНР

Најновата рунда разговори за мерките за градење доверба меѓу Грција и Македонија, меѓу политичкиот директор во грчкото МНР Петрос Мавроидис и државниот секретар во македонското МНР Елена Кузмановска, се одржа во Атина на 30 октомври, соопшти денеска грчкото МНР.

Разговорите се одржале во пријателска и конструктивна атмосфера, а се дискутирало, меѓу другото, за политички консултации меѓу двете министерства, билатерален дијалог за прашања од областа на ЕУ, соработка во рамките на ИПА 2, ТАИЕКС и Твининг програми, универзитетска соработка, поврзување, управување со границата, миграцијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

На средбата било одлучено следната рунда разговори за градењето мерки за доверба да се одржи во Скопје до крајот на годинава. Исто така, било договорено во Скопје да се одржи и прв круг на политички консултации меѓу двете министерства, соопшти грчкото МНР.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.