Нова руска инвестиција во Крушево

Руска компанија за производство на доматно пире сака да инвестира во индустриската зона во Крушево, најави вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Барајќи ја довербата од крушевчани, тој им се заблагодари за поддршката на претсетдателскиот кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“ Ѓорге Иванов во првиот изборен круг и побара уште поголема доверба на 27 април, за, како што подвлече, да може без уцена да се реализираат сите нови проекти.

„Денеска Крушево го донесе Деталниот урбанистички план и по изборите ќе се продаваат парцелите за да се реализира големата инвестиција што ќе донесе нови работни места. Ќе се отвори туристичка развојна зона во Крушево, довршување на инфраструктурата во викенд населбата Вршник, водоводни и канализациски системи за населените места, нов затворен базен, опремување на скијачкиот центар, уредување на платформата за параглајдери кај Мечкин Камен“, рече Груевски на митингот во Крушево.